Шон Пен кажа дека ако на вечерашното доделување Оскари не ѝ се изрази поддршка на Украина, тоа ќе биде еден од најсрамните моменти во историјата на Холивуд. Двократниот оскаровец, кој беше во Украина и Полска заради снимање документарец за бегалската криза, јавно вети дека ќе ги истопи своите статуетки ако Академијата не му понуди на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати на вечерашната церемонија.
„Академијата не може да направи поголема работа од тоа да му овозможи на Зеленски да ни се обрати на сите. Колку што разбрав, било одлучено против тоа. Не можам да коментирам дали Зеленски сакал да зборува или не. Но, ако Академијата не сакала да го направи тоа, тоа ќе биде еден од најсрамните моменти во холивудската историја“, изјави Пен.
Според некои извори, Зеленски одбил да се обрати преку Зум.
„Ако излезе дека никој не му пристапил на Зеленски, јас јавно ќе ги истопам моите оскари“, кажа Пен.
Пен освои Оскар за најдобар актер за „Мистична река“ во 2003 и „Милк“ во 2008 година.