Кинеската полиција спасила повеќе од 1.000 мачки кои требало да бидат заклани и продавани како свинско и јагнешко месо, објавија државните медиуми. Реагирајќи на дојава од активисти за права на животните, полицијата пресретнала камион со мачките во источниот град Жангџијанг. Мачките биле префрлени во засолниште по спасувањето.
Оваа акција разоткри илегална трговија на мачки и создаде нова загриженост за безбедност на храната, пишуваат кинеските медиуми.
Месо од мачки може да достигне цена од 4,5 јуани (0,6 долари) за 600 грама, велат активистите.
Нејасно е дали спасените мачки биле улични или домашни миленици. Тие требало да завршат на истокот на земјата, каде што би биле служени како свински и јагнешки раженчиња или колбаси.
Активистите реагирале откако забележале дека голем број мачки се чуваат во дрвени кутии на едни гробишта, па ги надгледувале шест дена. Кога кутиите биле натоварени во камион, тие го запреле возилото и ја повикале полицијата.