Капитенот на ракометната репрезентација Кире Лазаров ги посети децата на одделот за онкологија на Детската клиника во Скопје и им даде подароци кои беа нивни желби упатени до Дедо Мраз.
На Давид, Фехми, Емир, Едон, Никола, Реис, Ана, Мерџан и Дилара деновите им поминуваат на детската клиника на одделот за онкологија. Тие имаат помеѓу 2 и 13 години, секој со своја новогодишна желба, а нивните родители само една. Истата им ја посака и Кирил Лазаров и неговите пријатели од „Форца“.
Меѓу дечињата најголем беше Мерџан кој има 13 години и веќе не верува во Дедо Мраз, но го препозна Кире и му посака многу среќа на претстојното Светско првенство и му го покажа телевизорот на кој ќе го гледа и ќе навива за Македонија. Капитенот му вети дека до почетокот на Мундијалот ќе му испрати и дрес за Мерџан да биде вистински навивач.
Дел од дечињата беа заминати за празниците дома, а нивните подароци од Кире и „Форца“ медицинските сестри ги ставија под елката и ќе им ги дадат кога ќе се вратат во болница. Кире им посака на сите дечиња многу здравје и им вети повторна средба.