КЛИСУРАТА ПЕШТИ КРАЈ ВЕЛЕС КРИЕ БРОЈНИ ПЕШТЕРИ И ПЕШТЕРСКИ ЦРКВИ ШТО МАЛКУМИНА ГИ ВИДЕЛЕ

    КЛИСУРАТА ПЕШТИ КРАЈ ВЕЛЕС КРИЕ БРОЈНИ ПЕШТЕРИ И ПЕШТЕРСКИ ЦРКВИ ШТО МАЛКУМИНА ГИ ВИДЕЛЕВо карпестиот дел на Пешти има околу 80 пештери, но и пет пештерски цркви, што го прави овој предел единствен (Фото: СДК.МК)

    Во близина на Велес, на само еден час одење пеш, е клисурата Пешти. Оваа природна реткост е на 2,5 километри од вливот на реката Бабуна во Вардар. Нејзината форма е во вид на инка, горе е широка околу 50 метри, долу е тесна едвај пет метри, висока е 200 метри, а долга 400 метри. Се наоѓа во заштитениот предел на Бабуна.

    Поголемиот дел од велешани знаат за Пешти и биле таму на прошетка. Но, малкумина влегле во бројните пештери лоцирани по високите карпи, од каде има поглед кој го сопира здивот. Треба многу умешност за да се искачи човек по стрмните карпи и нивни најчести посетители се велешките спелеолози и алпинисти Борче Јовчевски и Слободан Ѓоргиев.

    Клисурата се наоѓа на еден час одење пешки од Велес (Фото: СДК.МК)

    „Не верувам дека досега некој го истражувал овој простор, овие пештери. Наша проценка е дека се околу 80. Некои имаат повеќе влезови, па така пештерата Четири порти има пет влезови. Не постои пештера во која не сме влегле. Сме биле и во тие тешко пристапните. Во 20-ина не може да се влезе без алпинистички опрема и помагала, секако и вештина. Во овие пештери има 10-ина јами, најголемата е 93 метри во вертикала. Ја имаме мерено со јаже, потоа има некој ходник, таму не сме се спуштиле и не знаеме што има, но знаеме каде е излезот“, објаснува Ѓоргиев, кој заедно со Јовчевски секој викенд е таму.

    Во 1989 година, Јовчевски беше член на првата македонска експедиција на освојувањето на Монт Еверест и стигна до подножјето.

    Црквите и фрескописот во реонот на Пешти се редок балкански пример на оваа уметност (Фото: СДК.МК)

    Одлика на овие пештери е што во неколку има и цркви, што е вистинска реткост. Има пет пештерни цркви во локалитетот Пешти. Најголема е Маркова црква – Св. Никола. Изградена е во самата пештера, има ѕидини, како и секоја црква. Како градителите се искачувале со материјал по оваа вертикала од камен е непознато. Останати цркви се молитвеници, фреските се на самите ѕидови од пештерите. Таму живееле монаси во испосништво, сами. Во пештерите има украси, некои имаат балкон, тераси, секако и сталагмити и сталактити. Повеќето пештери имаат имиња, кои ги добиле од месното население. Нив доаѓале да ги проучуваат истражувачи и научници од соседството.

    Борче Јовчевски и Слободан Ѓоргиев се речиси секој викенд во Пешти (Фото: СДК.МК)

    „Црквите и фрескописот во реонот на Пешти се редок балкански пример на оваа уметност и значаен културолошки и историски извор за фрескоживописувањето на подрачјето на Македонија. Ова е редок и единствен споменик на Балканот, а можеби и пошироко. Врз основа на овие многу оштетени ликови може да се претпостави дека се многу вредни, бидејќи се гледа дека ги работел автор кој одлично ги познавал класицистичките традиции и бил школуван во некој од подобрите средновековни ателјеа“, кажа д-р Тања Стародупцев, префесор на Универзитетот во Нови Сад при посетата на црквите пред некоја година.

    Таа и нејзините колеги од Србија беа воодушевени од фреските на Христос во апсидниот дел од црквата и композицијата Благовестие составена од Богородица и Архангел Гаврил во друга од четирите цркви.

    „Одлично е сочувана фреската на Јован Крстител, кој е мошне важна личност во пештерното монаштво. Тој е водечка култна личност во монашката традиција на 14. век, а ова што го гледам е ремек-дело на пештерската уметност и сликарство“, смета Светлана Микуљевиќ од Белградскиот универзитет.

    Пештерите на Пешти кријат неописива убавина (Фото: СДК.МК)

    Четири порти, Голема Порта, Инка, Топла пештера, Двоглед, Галерија се некои од имињата кои ги дале самите селани од околината. Како им личела пештерата, такви имиња давале. Така во Топла пештера селаните кажуваат дека чувале и по 500 овци во зима. Кога било студено, таа била мошне топла за тој период, со температурата до 12 степени над нулата.

    „Во периодот од октомври до мај има и пештерски езера. Тоа е ретка убавина. Постојат сѐ додека не испарат во лето, до колена се длабоки. Четири сме виделе и регистрирале. Влегувањето во пештерите е влегување во царството на темнината и тишината, што никаде не се доживува. Пештерата е првиот дом на човекот. Тоа треба да се доживее. Шест нејзини лакови, кои го создала самата природа, се единствена природна убавина“, појаснува Јовчевски.

    Пешти е познат и како орнитолошки локалитет. Тука живеат ретки птици грабливки, кои ги има сѐ помалку во земјава и затоа е прогласен за заштитена зона.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари