Светската здравствена организација (СЗО) ќе изготви преглед на потенцијалните ризици од пластиката во водата за пиење. Извештајот на СЗО треба да даде проценка на најновите истражувања за ширењето и влијанието на микропластиката, односно за честичките од пластика кои се доволно ситни и кои можат да се проголтаат со водата за пиење.
Оваа анализа следи откако новинарската организација „Орб Медиа“ најде честички пластика во главните брендови на флаширана вода. Нема доказ дека микропластиката може да го поткопа здравјето на човекот, но СЗО сака да ги процени овие податоци.
Брус Гордон, координатор за глобална работа на вода и канализација во СЗО, вели дека главното прашање е дали во текот на животот јадењето или пиењето честички пластика може да има ефект врз здравјетио.
„Кога зборуваме за составот на пластиката, треба да се дадат одговори дали можеби има отрови во неа, и до кој степен може да содржи штетни состојки и што тие можат да му направат на нашето тело. Треба да имаме безбедносен лимит, но за да го имаме тоа треба да го дефинираме, а за да го направиме тоа треба да разбереме дали овие состојки се опасни и дали тие ги има во водата во концентрација која е опасна“, вели Гордон.
Тој вели дека не сакал да крева паника и дека поголема закана за чистата вода за пиење е во оние земји каде таа е загадена со отпадни води.
„Јавноста се разбира ќе биде загрижена за тоа дали ваквата состојба ќе предизвика болест кај нив на краток, но и на долг рок“, вели Гордон.
Иницијативата на СЗО делумно се темели и на студијата направена на над 250 шишиња вода за пиење од 11 брендови од девет земји, што е досега најголемо истражување од овој вид.
Тестирањето е направено на Државниот унуверзитет во Њујорк, како дел од проектот во кои беа вклучени оригиналните истражувања и известувања на американската новинарска организација „Орб Медиа“. Користејќи боја која се врзува за слободните лебдечки честички пластика, универзитетскиот професор Шери Мејсон најде во просек по 10 честички пластика на литар вода и секое поголемо од големината на човечкото влакно. Пронајдени се и помали честички за кои се претпоставува дека се пластика, но не се докрај идентификувани и тоа во просек 314 честички на литар. Од сите тестирани шишиња, кај 17 воопшто не се пронајдени честички, но во многу имало стотици и илјадници честички, со голема разлика меѓу брендовите, но и меѓу шишињата од исто пакување.
Поголем дел од компаниите што ги произведуваат овие брендови вода кажале дека стојат зад квалитетот и безбедноста на нивните производи. Некои од компаниите искажале сомнеж зошто резултатите од ова истражување покажале многу поголеми вредности од нивните внатрешни истражувања, и нагласиле дека нема прописи за микропластика во водата за пиење, ниту пак универзални методи за тестирање.
Студијата доаѓа по претходните истражувања, кои пронајдоа микропластика во водата од чешма, пивото, морската сол и рибата, а професорот Мејсон вели дека истражувачите треба да најдат одговор дали микропластиката може да биде штетна.
„Од она што го знаеме е дека некои од овие честички се доволно големи и штом ќе се проголтаат и поминат низ дигестивниот систем, тие најверојатно ќе се исфрлат, но дека во тој процес тие можат да испуштат хемикалии кои имаат влијание врз здравјето. Некои од тие честички се толку мали, што можат да влезат во гастро-интестиналниот тракт и преку него да се разнесат низ телото, а ние не знаеме какво влијание тоа може да има на различни органи или ткива“, вели Мејсон.
Британската агенција за стандарди за храна вели дека е малку веројатно количината микропластика наједена во водата за пиење да има штетно влијание, но дека ќе ги проценат сите нови информации што се однесуваат на микропластиката во храната и водата.
Д-р Стефан Рајт од Центарот за животна средина и здравје при Кралскиот колеџ, вели дека приоритет е да се разбере на колкава количина микропластика сме изложени и што точно се случува со неа откако ќе влезе во нашите тела.
Истражувачите утврдиле дека ситните честички на титаниум диоксид може да поминат низ поставата на цревата и дека тоа е можно и со честиките пластика.
Д-р Рајт вели дека честичките може да останат во клетката во поставата на цревата или да се пренесат во нашиот лимфен систем и да завршат во лимфните јазли, а мали се шансите да завршат во крвотокот и преку него да се акумулираат во црниот дроб.
„Тоа се надворешни тврди честички, кои нашето тело најверојатно ќе се обиде да ги исфрли, но нема да може, бидејќи пластиката не е разградлива и тоа најверојатно ќе направи штета на околното ткиво. Но, во моментов ние тоа не го знаеме“, вели д-р Рајт.