Првата сеопфатна маркација на патеките на планината Галичица кај Охрид е направена пред десетина години. Во меѓувреме, добар дел од инфраструктурата е оштетен. Информативните патокази ги корнат и уништуваат и магариња, кои сопствениците ги врзуваат за таблите.
„И пред тоа постоеја обележја на Галичица, но првата сеопфатна маркација ја направивме пред десетина години. Тогаш беа обележани планинарски и велосипедски патеки во вкупна должина од 260 километри. Беа исцртани бели и црвени линии, беа поставени патокази и информативни табли. Изработивме и мапа на патеките, кои ги дистрибуиравме преку туристички агенции и бензински пумпи. Во меѓувреме, дел од маркацијата беше оштетена од природата или од човекот”, вели Андон Бојаџи, раководител на одделението за заштита на природата при НУ „Галичица”.
Одреден број табли и патокази страдале поради ерозија, но и тука улога имал човечкиот фактор.
„Забележани се случаи кога сопственик на домашни животни кога ги носат на планината на пасење ќе ги врзе за столбот од информативна табла или знак. Животното во намерата да се ослободи од јажето го корне и столбот и на тој начин се уништува и маркацијата. Знаеме дека магариња уништувале информативни табли”, појаснува Бојаџи.
Сепак, нашиот соговорник напоменува дека патеките на Галичица не се секаде во лоша состојба. Патеката од селото Пештани до врвот Магаро е возобновена со германска донација и таа сега ја користат многу планинари.
„Јас пред неколку дена бев на Магаро, највисокиот врв на Галичица, кој се наоѓа на 2.255 метри надморска височина. Црвената и белата линија на патеката до него се многу видливи. До подножјето на овој врв може да се стигне и со возило, а потоа не треба многу пешачење за да се искачите на врвот на Галичица”, кажува Бојаџи.
Тој вели дека е потребно возобновување на маркацијата.
„НУ ‘Галичица‘ се подготвува да ја возобнови маркацијата. Таму каде што се откорнати или оштетени информативни табли, знаци и линии ќе поставиме и ќе исцртаме нови. Тоа е обемен зафат, бидејќи се работи за 260 километри патеки”.
Пред една недела, на Галичица залутаа двајца холандски туристи. Ги најдоа членови на спасителската планинска служба при Црвен крст од Охрид.
Д. ЧУБРИЌ