Американската технолошка компанија „Мајкрософт“ во соработка со Владата на Франција ќе создаде дигитална реплика на париската катедрала „Нотр Дам“, најпосетуваниот споменик во Франција, изјави претседателот на компанијата, Бред Смит.
Катедралата стара 862 години, готичко ремек-дело, повторно се отвори лани во декември, по петгодишна реставрација по големиот пожар. Во над 800-годишната историја, во „Нотр Дам“ се случија некои од најважните моменти во француската историја, од крунисувањето на Наполеон, до прославите по Втората светска војна и мисите за жртвите од терористички напади.
Дигиталната реплика ќе служи како запис за архитектонските детали на зградата, соопшти „Мајкрософт“. Исто така, ќе обезбеди виртуелно искуство за посетителите и оние кои не можат да ја посетат.
Минатата година, „Мајкрософт“ соработуваше со „Иконем“, француска компанија специјализирана за дигитализација на места од културното наследство, на дигитална реплика на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан.
„Една од работите што ги научивме од работата во ‘Свети Петар’ е како дигитален близнак може да помогне во поддршката на тековното одржување на зградата. Бидејќи снимате дигитален запис за секој сантиметар и што е таму и како треба да изгледа. Способноста да се создаде дигитален близнак токму сега, мислам дека ќе обезбеди значително вреден дигитален запис за кој верувам дека луѓето ќе го користат за 100 години од сега“, рече Смит.