МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕНИЦИ МЕЃУ НАЈУСПЕШНИТЕ ЗА ДЕБАТИРАЊЕ НА СВЕТСКИОТ УЧЕНИЧКИ КУП ВО СТОКХОЛМ, ДРЖАВАТА НЕМА НАГРАДЕН ФОНД ЗА ТАЛЕНТИРАНИ ДЕЦА

    МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕНИЦИ МЕЃУ НАЈУСПЕШНИТЕ ЗА ДЕБАТИРАЊЕ НА СВЕТСКИОТ УЧЕНИЧКИ КУП ВО СТОКХОЛМ, ДРЖАВАТА НЕМА НАГРАДЕН ФОНД ЗА ТАЛЕНТИРАНИ ДЕЦАУчениците се подготвуваа цела година, отидоа на трошок на родителите и победија; - со професорот Никола Ѓелунчески во Стокхолм. (Фото: Привана архива)

    Македонската делегација е најдобра во дебатирање на Светскиот ученички куп во Стокхолм, во жестока конкуренција од 209 тимови, 627 ученици во сениорска категорија и уште толку во јуниорска. Уште само Канада ѝ стои на патот децата од Македонија ги победија и овојпат врсниците од САД, Англија, Индија, Јапонија и други држави.

    Тимот на Каја Јосифовска, Лука Вајевиќ и Дамјан Стојановски освои прво место во Европа (осмо во светот).  Тимот на Ирем Таук, Сара Тошиќ и Сара Кнежевиќ освои трето место во Европа (11-то во светот). Рина Идризи освои деветто место во Европа.

    Четири глобални рунди по ред, Македонија има дебатери што се одбрани да учествуваат на завршната дебата пред цела публика (1.200 луѓе), пред сите ученици и сите ментори. Оваа година замјата ја претстави Сара Тошиќ на мошне сериозна тема „Би го поправиле светот полесно отколку што повеќето луѓе веруваат“.

    Учениците се подготвуваа цела година, отидоа на трошок на родителите и победија.

    Најрадосната вест оваа недела се, всушност, освоените резултати на овие 20 талентирани ученици од Македонија, но само на социјалните мрежи каде масовно сите, им честитаат и се споделува веста за успесите.

    Мобилизатор на школите, односно на децата од основното и на тие од средното образование, организатор на рундите за натпревари и за селекција на локално ниво, но и тој што ги носи на светските ученички купови оние кои биле дома најдобри во резултатите, е професорот по англиски јазик Никола Ѓелинчески од приватната гимназија „Јахја Кемал“ во Скопје.

    „Приклучокот кон оваа академска интернационална програма заедно со уште 51 држава, го фативме во 2019 година, а 2024 година беше организациски само наша. Во Стокхолм учествуваа талентирани ученици од ‘Американ хајскул’, од гимназијата ’Нова’ и доминантно од ‘Јахја Кемал’. Секоја година има локални регионални рунди, во секоја од овие 52 држави, како некоја селекција. Ние како домаќини, ги мобилизиравме тука училиштата, обезбедувавме простории за натпреварите. Има 4 категории за натпреварување на децата, мене ми се најблиски пишувањето и дебатирањето. Има индивидуален и тимски квиз на знаење“, вели професорот Никола Ѓелинчески, кого децата го викаат Тичер.

    Пред Стокхолм, овие талентирани деца од Македонија се натпреваруваа во Хаг, Дубаи, Прага и во Доха, па во Стокхолм со овие претходни резултати, веќе најстапија како сериозна конкуренција за останатите тимови. Делегацијата од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ оди засебно, но таму со оваа од „Јахја“ настапуваат многу сложно.

    „Едни викаат, други имаат агресивен настап без ништо да кажат, а нашиве најприродни и си газат“, се шегува професорот.

    Јуниорскиот тим ги победи и сениорите во дебатирање. (Фото: Приватна архива)

    „На почетокот на годината објавуваме курикулум кој треба заинтересираните ученици да го научат, па почнуваат подготовките за литература, наука, технологија, историја. Децата се фокусираат на тоа за кое ги бива. Тука ми е битна навиката да се работи, да се учи и разбере, децата да прават конекции“, вели Тичер.

    Четири години по ред Македонина има најдобар дебатер пред целата публика. Во сениорска категорија (средни училишта) имало 214 тимови и околу 620 ученици од цел свет, но македонските  јуниори седмоодделенции биле подобри и од поголемите.

    „Навистина многу високо котираме, имаме многу високи успеси. Најсилна конкуренција ни е групата од Канада. Ако го следиме тој терк на Канаѓаните кај што имаат државен, национален натпревар за дебати, ние би имале уште поголеми успеси. Немаме ние натпревари за дебатирање, имаме само за природни науки“, вели професорот Ѓелинчески.

    Светскиот ученички куп (The World Scholar’s Cup – WSC) е меѓународна тимска академска програма за ученици од над 65 земји. Целта на овој натпревар е да ги привлече учениците заинтересирани за учење надвор од рамките на типичната наставна програма и да им овозможи на ученици од различни култури да дискутираат прашања и идеи поврзани со денешницата. Се работи за натпревар кој се одржува во забавна и инспиративна атмосфера и е одлична можност за учениците да ги развиваат своите вештини за критичко размислување во однос на годинешната тема – Обмислување на сегашноста.

    Тимовите се натпреварува во четири главни настани: индивидуален тест по општи знаења, пишување во тимови, дебатирање во тимови и квиз во тимови. Покрај четирите главни настани, се одржуваат и социјални и академски активности од ненатпреварувачки карактер со цел да се постигне пријателска атмосфера помеѓу учесниците. Во рамки на натпреварот се одржува и саем на култура.

    Темите се даваат на самото место пред натпреварите. Тие не се знаат претходно. Во Стокхолм сега имало тема за дебата дека секој претседател на држава треба да има вештачка интелигенција како бекап. Да има и соба за вештачка интелигенција. Ако му се случи нешто на претседателот, да се продолжи во истата насока. Годинава многу теми биле за вештачка интелигенција и децата настапиле со одлични дебати и размислувања.

    „На децата им е смачено да учат на традиционален начин. Мора да има некој награден фонд. Компаниите не мора само на спортистите да им даваат финансиски средства, треба барем малку да одвојат и за ова“, вели Ѓелинчески.

    Како вистински амбасадори, 20-те учесници од Македонија во Стокхолм тргнале со голема љубов, па за подарување однеле од магнети и слики со мотиви од земјава и ајвар. Примиле и тие интересни и разновидни подароци од Канада, Кенија и од други врсници, а најголемата љубопитност била за пржените гасеници.

    Ѓелинчески вели дека децата биле многу пријатно изненадени кога на Саемот на култура ги посетил македонскиот амбасадор во Стокхолм Џенк Сејфула со семејството.

    „Учениците беа  пресреќни, возбудени му раскажуваа моменти од дебатите нему и на неговите деца кои им се врсници, како поминале на натпреварите, за конкуренцијата, за судиите, за системот на натпреварувањата“, вели тој и додава дека е штета оти државата нема механизам како да ги поддржи талентираните деца со некаков награден фонд за најдобрите.

    „Остваруваат големи успеси, а кога ќе се вратат, децата не се испочитувани, не се спомнувани, а тоа им значи. Не мора на сите учесници да им платат. Нека има за почеток турнир по дебатирање во Македонија и ете државата на првите двајца само нека им плати котизација и пат.  Барем да не викнат од МОН и да прашаат: ‘Чекајте луѓе, што правите вие?’ Па секоја година котираме во првите 5 отсто, пред нас е само Канада!“, вели професорот Ѓелинчески.

    Третата фаза од натпреварите е закажана за ноември на Универзитетот Јејл во Америка. Има рунди и во Сеул, во Австралија и во Кина.

    „Ние се квалификувавме, но тешко дека ќе одиме понатаму. Ќе треба родители да земаат кредит“, ни рече професорот Ѓелинчески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира