Ако денес се модерни длабоките деколтеа, пред еден до два века девојките носеле грла – украсено правоаголно парче текстил кое го покривало отворениот дел од кошулата. Традицијата налагала градниот дел да биде покриен без проѕирка, но со стил. Токму затоа, грлата биле вистински уметнички творби.
Тоа го потврди уникатната изложба „Елемент од народна носија – грло“ на Наде Геневска-Брачиќ, етнолог-кустос советник во Завод и музеј Битола. Изложбата содржи 50 оригинални грла од битолскиот и прилепскиот крај кои датираат од 19. и 20. век.
„Ја подготвив изложбата по моето долгогодишно работење со збирката на носии и текстил. Секоја година тие носии ги отворам, разгледувам и сметав дека овој елемент од носијата досега е комплетно занемарен. Воопшто не му е дадено значење. Сметав дека начините на кои се работени, инвентивноста се уникатни, секое едно грло претставува уникатност по инспирацијата. Сметав дека поради таа занемареност е многу битно да се актуелизираат и да се отворат и секогаш ги гледав како уметнички слики“, вели Геневска-Брачиќ.
Грлото е правоаголно парче од бело платно, декорирано во централниот дел кое со две врвки се врзува околу вратот. Се декорирало со вез, мониста, ширити, украсни траки, пулејќи и тантела, а најчестите мотиви на везење биле лози, па цветови, крстчиња.
„Под терминот пластрон се заведени и примероци на грла и везени предници со јака од Македонија во музејските збирки на Британскиот музеј во Лондон“, рече Геневска-Брачиќ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА