Македонците во Хрватска го одбележаа 24 Мај – Денот на сесловенските просветители со свечени академии во Риека и Сплит. Прославите ги организираа културните друштва „Илинден“ и „Македонија“.
Македонците во Сплит, организирани преку Македонското културно друштво „Македонија“ одржаа свечена академија во Театарот за млади. Во програмата учествуваше хорот и фолклорната група со неколку изворни македонски песни и ора, како и ученици од Основното училиште „Скалице“ од Сплит, кои учат на на македонски јазик.
И во Риека беше одржана свечена академија со пригодна културна програма.
Двете културни друштва годинава слават 32 години од организираното делување на Македонците во Хрватска.
Македонците во Хрватска учествуваат во политичкиот живот на градовите, во градските совети и други институции, изразувајќи го на тој начин своето мислење и застапувајќи ги интересите на својата заедница. Нивниот придонес е видлив во сите сфери на живеење, како што е економијата, науката, образованието, уметноста, спортот, медицината и јавниот живот.
М. ГЕОРГИЕВСКА