МАРИЈАНА МИ ДАДЕ БЛАГОСЛОВ ДА ЈА ПЕАМ „ПРИЗНАВАМ“ БЕЗ НЕА НА МАКФЕСТ, РЕЧЕ РОСАНА САРИЌ-ТОДОРОВСКА

    МАРИЈАНА МИ ДАДЕ БЛАГОСЛОВ ДА ЈА ПЕАМ „ПРИЗНАВАМ“ БЕЗ НЕА НА МАКФЕСТ, РЕЧЕ РОСАНА САРИЌ-ТОДОРОВСКАРосана Сариќ-Тодоровска го пееше евергринот со целата публика во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. (Фото: Министерство за култура)

    Росана Сариќ-Тодоровска се расплака на настапот на фестивалот Макфест, додека без нејзината сестра близначка Маријана Новачевска ја пееше песната „Признавам“, нивниот славен дует од 1988. Макфест синоќа прослави 40-годишен јубилеј, а евергринот на близначките од Куманово го пееше цела публика во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

    „Јас сум навикната до мене секогаш да стои Маријана. Ве молам, еден аплауз за неа“, рече Росана низ солзи.

    Маријана Новачевска повеќе од 30 години со семејството живее во Австралија, а Росана пред настапот ни рече дека треба да дојде во Скопје во јуни.

    Питер Џон Босе, Трајче Манев, Росана Сариќ-Тодоровска и Тања Кочовска на 40-годишниот јубилеј на Макфест. (Фото: СДК.МК)

    „Снимив нова верзија на песната, за жал без Маријана. Не ми беше лесно да ја пеам без неа, но таа ме поддржа, ми даде благослов да ја снимам и рече дека ѝ се допаѓа мојата верзија, а кога ќе застанам на сцената да замислувам дека е до мене“, ни рече Росана Сариќ-Тодоровска.

    Уште еден макфестовски хит од Маријана и Росана остана запаметен и уште се пее, а тоа е „Стој“. Автор на евергрините на дуото е Тоде Новачевски, поранешниот сопруг на Маријана, кој почина во Австралија во 2022.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира