Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави книгата „Монетоковање во античка Македонија“ од авторот Доне Таневски. Застапен е периодот од 5 -1 век пред. н. е.
Уредник на луксузното и обемно издание е професорката Наде Проева. Како што пишува таа во предговорот, Таневски не е професионален нумизматичар, туку вљубеник во нумизматиката, кој се зафатил со опишување и разјаснување на монетите ковани на територијата на античка Македонија. Прикажани се сите типови на монети ковани од етникумите во источниот, со руди најбогат дел на античка Македонија; од македонските кралеви и од градовите, во временска рамка од крајот на 6. век ст. е сѐ до крајот, односно потпаѓањето на македонското кралство под власт на Римјаните и сведувањето на Македонија во ранг на римска провинција.
Таневски вели дека книгата се состои од четири делови, во кои се опишани монетите ковани само во монетарници на територијата на античка Македонија, со нивните главни карактеристики за секоја монета пооделно, а тоа се: металот од кој се исковани, нивната номинала, тежината, претставите на монетите, пречникот (дијаметар) ознаките, симболите, буквите и монограмите, местото на ковање, доколку може со сигурност да се одреди, точното или барем приближно време на ковањето.
„За да можеме полесно да ја разбереме монетарната политика на македонските кралеви и нивните монети, во оваа книга е даден краток историско-географски приказ на македонската држава, како и општ и краток историски преглед на владеењето на македонските кралеви. Притоа неопходно беше да се направи осврт на нивното потекло за кое сѐ уште има различни мислења“, вели авторот.
„Иако е наменета првенствено за широката публика, авторот на книгава дава не само основни податоци, туку и преглед на најновите сознанија во нумизматичката наука корисни дури и за професионалните нумизматичари. Со едноставниот и разбирлив јазик, авторот успеал да прикаже една мошне тешка, но истовремено и мошне интересна материја и да ѝ ја доближи на широката публика и на сите заинтересирани за нумизматиката и античката историја воопшто. Книгава претставува вистински прирачник за македонското монетоковање во прв ред за студентите-почетници, со што се пополнува еден голем недостиг од стручна литература за оваа област“, вели професорката Проева во предговорот.
Б. НЕСТОРОСКА