По течението на реките Тополка и Врановска има шест моста. Тие се во близина на селата Лисиче и Горно Врановци, во пазувите на планината Јакупица. Не е познато кога се изградени, нема документација, ниту пишан збор, туку за нивното минато се прераскажува меѓу месното население.
Селаните се гордеат со овие камени градби, кои им одолеале на годините и (не)времето, бидејќи се дел од културното наследство. Сите се сводови градби, без држачи и во еден лак ја преминуваат реката. Најголем од нив е Чемерен, мост на Тополка, во месноста Бурнутица, на еден километар од селото Лисиче и на два километри од езерото Лисиче.
„Овој мост е од турско. Служел на мештаните за директно одење кон Велес, да не вртат многу. Паметам како дете дека тука ги пречекувавме нашите кога се враќаа од Велес од пазар. Бевме радосни оти секогаш нешто ни носеа од градот. Бил крвоток за сите мештани од селата од околина, Јаболчиште, Врановци…“, објаснува Живко Ѓоргиев од селото Лисиче.
Се сеќава како дете кога во 1950-ите години врановчани рано наутро в недела оделе на пазар во Велес. Како далечни точки светеле нивните фенери, додека уште во ноќта или мугрите натоварените коњи ги воделе по пат и преку мостот Чемерен. Тој според преданијата е стар најмалку два века, но е во одлична состојба. Во калта беа видливи трагите на некое превозно средство, кое минало низ ова беспаќе. Помлад мештанин од селото Лисиче, кој се претстави како Горан, објасни дека преку викенд тука често со силни мотори минува група мотоциклисти.
Неколку километри повисоко од мостот кај Лисиче, во историското село Горно Врановци, се наоѓаат пет вакви камени моста на Врановска Река.
„Сите овие мостови служеле за полесно поврзување на овдешните села. Постојните се на трасата од патот кој водел до селото Бистрица. И тој бил преку планина, преку сртот, но изграден од камен, калдрма. Селото имало многу народ во 1944, броело четири илјада жители, главно Торбеши. Имаше и хидроцентрала до шеесет и некоја. Имаше и многу воденици на реката. До пред десетина години, реката беше преполна со пастрмка, сега ја нема“, објаснува Енвер Максудов, вработен како чувар на петте спомен куќи во селото, сопственост на Народниот музеј.
Мостовите на овие две реки се малку познати моменти од поблиското минато и дел од велешкото културно-историско богатство и наследство. Нема документи кога се настанати, според преданијата изградени се во турско, но не е познато во кој век. Колку се квалитетно изградени, зборува тоа што и покрај моќта на реките, кои знаат да надојдат во пролет и да носат вода од планината, мостовите се исти како и пред стотини години.
„Потребно е сите овие шест моста да се евидентираат, да се обележат, оти се значајни. Толку убави градби кои одолеале на времето и на годините треба што повеќе луѓе да ги видат, да разберат за нив“, велат жителите на ова подрачје.
Сличен ваков мост има и во селото Бистрица, кое е од другата страна на планината.
П. ПЕЧКОВ