НА АЛБАНСКИОТ БРЕГ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОТКРИЕНА НАЈСТАРАТА ЕЗЕРСКА НАСЕЛБА ВО ЕВРОПА, СТАРА ОКОЛУ 8.000 ГОДИНИ

    НА АЛБАНСКИОТ БРЕГ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОТКРИЕНА НАЈСТАРАТА ЕЗЕРСКА НАСЕЛБА ВО ЕВРОПА, СТАРА ОКОЛУ 8.000 ГОДИНИАрхеолозите велат дека можеби ќе бидат потребни децении за целосно да се истражи областа (Фото: ЕПА)

    Археолозите кои работат на албанскиот брег на Охридското Езеро се убедени дека го пронашле најстарото човечко живеалиште изградено на езеро во Европа. Тие велат дека откриле докази за организирана ловџиска и земјоделска населба која постоела пред 8.000 години.

    Тимот составен од албански и швајцарски научници секој ден поминува неколку часа три метри под вода, макотрпно извлекувајќи дрвени потпорници на куќи. Тие, исто така, собираат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.

    Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпските и медитеранските региони, но населбите во селото Лин се пола милениум постари и датираат од пред 6.000-8.000 години.

    „Бидејќи е под вода, органскиот материјал е добро зачуван и ова ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе и што саделе“, рече Хафнер.

    Повеќе студии покажуваат дека Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа, старо над милион години.

    Староста на наодите се утврдува преку радиојаглеродно датирање и дендрохронологија, која ги мери годишните прстени за раст кај дрвјата. Повеќе од илјада примероци дрво се собрани од локацијата, на која можеби живееле стотици луѓе. Се верува дека зафаќа околу шест хектари, но за шест години работа е ископан само околу 1%.

    Хафнер рече дека наодите покажуваат дека луѓето кои живееле кај езерото помогнале во ширењето на земјоделството и сточарството во други делови од Европа.

    „Тие сè уште ловеле и собирале работи, но стабилната исхрана доаѓала од земјоделството“, рече тој.

    Албанскиот археолог Адријан Анастаси рече дека можеби ќе бидат потребни децении за целосно да се истражи областа.

    „Според начинот на кој живееле, јаделе и ловеле и според начинот на кој ја користеле архитектурата за изградба на нивната населба, можеме да кажеме дека тие биле многу паметни за тоа време“, рече Анастаси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира