НА ВРАЌАЊЕ МЕ ПРЕСРЕТНА АЈКУЛА, НО ОСТАНАВ СМИРЕНА, ВЕЛИ НУРКАЧКАТА СИМОНА ТРПОВСКА, КОЈА СЕ СПУШТИ ДО 102 МЕТРИ ДЛАБОЧИНА ВО ЦРВЕНОТО МОРЕ

    НА ВРАЌАЊЕ МЕ ПРЕСРЕТНА АЈКУЛА, НО ОСТАНАВ СМИРЕНА, ВЕЛИ НУРКАЧКАТА СИМОНА ТРПОВСКА, КОЈА СЕ СПУШТИ ДО 102 МЕТРИ ДЛАБОЧИНА ВО ЦРВЕНОТО МОРЕЗа Трповска, нуркањето е слобода, а во водните длабочини се чувствува како дома (Фото: СДК.МК)

    Охриѓанката Симона Трповска го постави македонскиот рекорд во техничко нуркање на крајот на минатата година, со што го оствари својот сон да се спушти до длабочината од 102 метри во Црвеното Море во Египет. Таа е единствената жена која ги надминала резултатите на машките нуркачи од државава. Досега ниедна Македонка не се спуштила на повеќе од 60 метри длабочина. Ваквиот успех Симона го доживува како лично достигнување и надминување на своите граници.

    Ако секогаш седиме во некоја комфорна зона, тогаш не би оделе напред. Самото нуркање за мене беше предизвик. Тоа го правам од љубов и ми помогна да надминам некои мои лични стравови и несигурности и да постигнам напредок во повеќе полиња од животот. Тоа е начин да се соочам со себеси“, вели младата охриѓанка.

    За Трповска, нуркањето е слобода, а во водните длабочини се чувствува како дома.

    Од првиот момент кога татко ми ме прати на пливање, јас нуркав и излегував на другата страна од базенот. Од мала сакав да бидам под вода. Кога првпат дојдов во нуркачкиот клуб ми беше убаво, се чувствував слободно, избалансирано. Мора водата да ја сакаш како пријател“.

    Трповска со инструкторот Ахмед Габр од Египет (Фото: СДК.МК)

    Трповска се занимава со рекреативно нуркање од 2007, а со техничко нуркање почна лани, поттикната од првата техничка нуркачка во Македонија, Ирина Милошевска. Вели дека успешно реализираниот подвиг е резултат на многу труд, искуство, совршена техника и добра психичка подготовка.

    Прво мора да си физички спремен, бидејќи самата опрема е тешка, влегуваш со двобоцник и дополнителни три боци. И покрај тоа што имаш тим кој ти помага, сепак сам си одговорен за својата опрема. Еднаш за време на тренинг, имаше бранови и струења и не можеше во вода да ги ставам дополнителните боци, па мораше со целосната опрема да скокнам“, вели Трповска и додава дека интензивните тренинзи и теоретското знаење се исто така битни за врвни резултати во нуркањето.

    За да можеш да одиш на длабочини над сто метри, треба да поминеш низ интензивни тренинзи и едукација. Контактирав повеќе инструктори, меѓутоа најмногу впечаток ми остави Ахмед Габр од Египет, кој го држи Гинисовиот рекорд за најдлабоко нуркање од 332,5 метри. По неколку разговори со него се договоривме да започнам со тренинзи за овај подвиг“.

    Трповска се занимава со рекреативно нуркање од 2007, а со техничко нуркање почна лани (Фото: СДК.МК)

    Таа потенцира дека секогаш е битно да се остане смирен, и покрај убавините и предизвиците кои ги носи нуркањето. Вели дека пред секое влегување во вода мора да се програмираш во медитативна состојба и да визуализираш како ќе постапиш согласно претходно направениот план за нуркањето. Дури и ако си исправен пред голема опасност, нема простор за каква било реакција.

    На враќање од 102 метри ми се појави ајкула некаде на 80 метри. Еден член на екипата ми даде знак дека има ајкула, но јас му кажав дека сè е во ред, останав смирена и продолжив да го следам планот. Мораш да останеш поврзан со себе, без разлика на надворешните околности. Тоа е како да си во едно меурче и што и да се случува, не смееш да реагираш. Фокусот мора да остане на себеси“, вели Трповска.

    Според неа, техничкото нуркање е многу безбедно сè додека ги правиш работите согласно пропишаните правила. На големи длабочини, просторот за грешка е многу мал.

    Трповска вели дека за нуркањето мора да се биде физички спремен, бидејќи самата опрема е тешка (Фото: СДК.МК)

    Декомпресијата може да се појави и неколку часа по нуркањето, вели Трповска и додава дека и пред и по самото нуркање не е дозволена физичка активност, а има и дополнителни правила кои мора да се запазат.

    Мора да знаеш што ти се случува во телото, кои гасови како ти влијаат на телото и кои сè опасности можат да се случат. Дополнително, мора да ги разбереш сите можни ризици и потенцијални болести. За психичка подготовка, препорачливо е да се вежба медитација, што поттикнува личен баланс. Во длабочините се влегува со претходно добро испланирана логистика, но и знаење како да се остане присебен во разни непредвидени ситуации. Анализата на гасовите и бележењето на боците се исто така многу важни“.

    Таа поседува меѓународен сертификат „Advanced Trimix Diver“ за техничко нуркање до 100 метри, што воедно е највисокиот сертификат за длабинско техничко нуркање, кој овозможува нуркање со мешавина од хелиум, кислород и азот, кои се комбинираат согласно планираната длабочина.

    Што се однесува до идните планови, Трповска вели дека не си поставува цели во длабочина, најбитно е да ја следи методологијата која ќе ѝ овозможи многубројни нуркања со безбедно враќање на површина.

    Доколку тоа се совлада, длабочините ќе дојдат сами по себе“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира