Доајенот на Народниот театар од Битола, извонредната актерка Јоана Поповска, по пауза од десет години се враќа на матичната театарска сцена. Нејзиниот камбек е со вечерашната премиера на „Коцкар“ по текст на Фјодор Достоевски, во режија на Дејан Пројковски и изведба на Битолскиот театар. Поповска, која сега е во пензија, ја прифати понудата на новото раководство да гостува, откако цела една деценија ѝ беа затворени вратите на Театарот во Битола.
„Не сакам да ги паметам, но ги паметам работите кои ми се случија во тој театар и не случајно јас не влегов 10 години таму. Сега има една нова ситуација, на едни млади луѓе, кои покажаа желба и ми направија голема чест, инсистираа да играм. Тоа е улога на возрасна жена, баба која живее во Русија, но знае дека нејзиниот имот го трошат наваму-натаму. Доаѓа да ги спаси и истовремено влегува во трката, она што тие го прават и таа го прави, но го прави од инает. Ова е мој камбек, како да почнувам во една нова средина“, рече Поповска.
Поранешното раководство на Народниот театар ги раскина сите професионални врски со Поповска кога таа во 2007 се приклучи кон таканаречениот Одбор за спас на театарот. Заедно со ексминистерот за култура Благоја Стефановски-Баге, актерот Борис Чоревски и сценографот Валентин Светозарев се спротивставија на идејата на тогашното раководство операта да ја вметне во Народниот театар и ја критикуваа репертоарската политика. Токму формирањето на операта беше едно од предизборните ветувања на ексградоначалникот Владимир Талески, која требаше да прерасне во посебна институција, а не во здружение на граѓани или да се припои кон театарот. По критиките, тогашното раководство од репертоарот ги повлече проектите во кои беа вклучени актерите од Одборот. По ова Талески за медиумите изјави дека „нивната привата забава заврши“.
„Немав покана да играм на битолската сцена 10 години, но и да имав со сигурност немаше да ја прифатам бидејќи кога раскрстив, еден дел од внатре во Театарот не реагираше на постапката, на тоа што се случи, можеше барем тројца-четворица да изреагираат, јас не можев нити да влезам, нити да помислам да се вратам таму“, вели Поповска.
Затворените врати на Битолскиот театар, не ја оставија Поповска без актерската игра за која вели дека ѝ е храна што ја одржува во живот цели 75 години. Во изминатата декада играше на сцените на театрите во Бугарија, Грција, Албанија, Словенија и другите балкански држави. Во Бугарија ја нарекуваат македонската Стојанка Мутафова, актерката која влезе во Гинис со тоа што на 95 години активно глуми иако веќе не гледа.
„Секаде ве вреднуваат само дома не, зашто политиката одредила така. Овој не е пожелен, овој е персона нон грата, само не разбрав по што Јоана стана персона нон грата во македонското културно живеење?“ додава Поповска.
Апелира политиката да не се меша веќе во културата.
„Не е тајна дека во изминатите години секаде беа направени кланови, дека директорите на тие што ги поставија им беа пиони, ги извршуваа нивните наредби, а внатре ги делеа луѓето на мои и твои. Тука пропадна театарот. Има актери кои десет години не добија улога. Актери од Скопје одеа во пензија, а решенијата им ги даваа на портирница“, вели Поповска.
Во изминатите 58 години актерска кариера одиграла околу 370 улоги со над 3.100 изведби и освоени врвни актерски награди „Војдан Чернодрински“ за животно дело, „Ристо Шишков “ за најдобро актерско остварување, трипати „Европски актер“ и ред други награди.
Ж. ЗДРАВКОВСКА