НЕ СУМ СУЕТНА ДА ИГРАМ МАЈКА ИЛИ БАБА, ВЕЛИ СРПСКАТА АКТЕРКА АНИЦА ДОБРА

    НЕ СУМ СУЕТНА ДА ИГРАМ МАЈКА ИЛИ БАБА, ВЕЛИ СРПСКАТА АКТЕРКА АНИЦА ДОБРА„Го сакам азилот во театарот. Играм улоги кои ги сакам, важни ми се и се одличен тренинг за она што треба да ми се случи понатаму“, вели Аница Добра, која во Скопје допатува од сет во Германија (Фото: К. Попов)

    Рокенролот, театарот, „Електрични оргазам“, работата со млади колеги беа само некои од темите за кои денес во Скопје весело и опуштено говореше ѕвездата на ексјугословенските филмови, на српскиот театар и филм, Аница Добра. Педесет и петгодишната актерка е специјална гостина на филмскиот фестивал Киненова, кој утревечер на свеченото отворање во киното Миленум ќе ѝ ја врачи наградата за посебен придонес во филмската уметност.

    „Го сакам азилот во театарот. Играм улоги кои ги сакам, важни ми се и се одличен тренинг за она што треба да ми се случи понатаму“, вели Добра (Фото: К. Попов)

    Добра на почетокот на прес-конференцијата се потсети на филмот „Како пропадна рокенролот“ од 1989 година.

    „Тој филм го предвиде времето кое дојде, со потсмевање на турбофолкот, на сѐ она што турбофолкот носи со себе. Во тоа време сценариото изгледаше навистина филмски, дури мислевме дека е и претерано. Но, потоа животот нѐ демантираше и ни покажа дека тоа беше вовед во нешто полошо и подлабоко, отколку што можевме да претпоставиме со тој филм“, кажа Добра.

    Актерката говореше дека последниве години се помалку се снимаат филмови, и затоа наоѓа засолниште во театарот.

    „Го сакам азилот во театарот. Играм улоги кои ги сакам, важни ми се и се одличен тренинг за она што треба да ми се случи понатаму“, рече таа, која во Скопје допатува од сет во Германија.

    Добра говореше и за ангажманите во Германија, кои почнале во 1988 година кога германски продуценти ја забележале во филмот „Веќе видено“ на Горан Марковиќ на проекцијата во Пула, а весело сподели и сеќавања за пејачките способности во „Црн бомбардер“.

    „За песната ‘Одам сам како зомби’ многу ми помогнаа ‘Електрични оргазам’ и Влада Дивљан. Неодамна, Гиле (Срѓан Гојковиќ н.з.) ме убеди да настапам со нив на концерт и да ја отпеам песната. Толку се збунив, фалширав, ме понесе целата атмосфера на публиката која скока, пее на глас, а јас не сум навикната на тоа, во театар публиката седи и молчи (ха, ха). На крај сѐ излезе погрешно од тоа што пробувавме. Си реков: Подобро ќе беше да ја изрецитирав. Не сум пејачка, но полесно пејам кога имам актерска задача“, рече таа.

    Глумицата рече дека ѝ е задоволство да работи со млади колеги, дека верува многу во нив и дека тие се единствена надеж на денешното општетсво.

    „За песната ‘Одам сам како зомби’ во филмот ‘Црн бомбардер’ многу ми помогнаа ‘Електрични оргазам’ и Влада Дивљан“, вели српската актерка (Фото: К. Попов)

    „Младите се посупериорни отколку ние што бевме порано, а не им е лесно во ова неблагодарно време. Некогаш беше чудно на аудиција да се појави актер што умее и да пее. Денес младите и пеат, и зборуваат по три-четири странски јазици, јаваат коњи и умеат да готват во исто време. Сега сум во период кога веќе не можам да очекувам само главни улоги. Во години сум кога треба да играм мајки, баби, тетки. И нема тука суета ни навреда, тоа што работам со млади глумци и со млади продукции ми е водилка за сѐ што ќе се случува понатаму“, рече Добра.

    Во нејзина чест, в сабота во Милениум во рамки на „Бела ноќ“, ќе биде прикажан филмот „Жената со скршен нос“ на Срѓан Кољевиќ од 2010, во кој таа игра една од главните улоги.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира