НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ ДОЈДОА НА ВТОРАТА ИСЕЛЕНИЧКА СРЕДБА ВО ВИНИЧКОТО СЕЛО БЛАТЕЦ, НА КОЈА БЕШЕ ОСВЕТЕН ЛОКАЛНИОТ МАНАСТИР

    НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ ДОЈДОА НА ВТОРАТА ИСЕЛЕНИЧКА СРЕДБА ВО ВИНИЧКОТО СЕЛО БЛАТЕЦ, НА КОЈА БЕШЕ ОСВЕТЕН ЛОКАЛНИОТ МАНАСТИРБлатец денес има 1.800 жители, но луѓето продолжуваат да се иселуваат (Фото: СДК.МК)

    Десетина километри источно од Виница, во подножјето на планината Плачковица, се наоѓа селото Блатец, кое со своите 1.800 жители, според последниот официјален попис, е најголемото село во Општина Виница. На крајот од селото, на уште поживописна локација, се наоѓа селскиот манастир.

    Неколку илјади луѓе, од кои речиси половина се иселеници, присуствуваа на втората иселеничка средба, на која беше осветен манастирот посветен на рождеството на Пресвета Богородица. Тој почнал да се гради пред повеќе од половина век со донации од жителите на Блатец, кои сега побараа да биде осветен. Осветувањето го изврши митрополитот на Брегалничката епархија, Иларион.

    „Како што од година во година расте бројот на луѓето кои заминуваат во странство и го напуштаат Блатец, така расте и бројот на иселениците кои се враќаат во својот роден крај, и тоа токму на овој ден, кога го одбележуваме денот на манастирот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица. Околу една третина од жителите на Блатец се иселеници. Но, ниту еден од нив го нема заборавено своето родно место и редовно доаѓаат за овој празник“, вели Баже Анакиевски, член на Месната заедница во Блатец.

    „Од Македонија заминав пред 30 години, на мои 14 години. Прво живеев во Италија, а во последните дваесетина години живеам и работам во Швајцарија, каде што формирав семејство. Двете деца ги учам од каде потекнуваат и сите заедно најмалку двапати во годината доаѓаме во Блатец“, вели Дарко Панчов.

    Игор Јорданов е главниот готвач на иселеничката средба, заедно со останатите од црковниот одбор.

    „Подготвивме јадење за неколку илјади луѓе и настојуваме секој што ќе дојде на овој празник да си замине со убави спомени и впечатоци. Со донациите што ги добиваме секоја година, на оваа манастирска локација градиме нешто плус и постојано ги зголемуваме летниковците, за да може да соберат што повеќе народ“, вели Јорданов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира