Нема подобра замена за подобрување на имунитетот на децата од физичката активност, рече д-р Горан Вукомановиќ од Србија на денешната панел-дискусија во Скопје на првата регионална конференција „Родителството некогаш и денес“ .
Конференцијата ја организираше „Алкалоид“ во чест на 50 години од брендот „Бекутан“ , а на првиот панел говореа реномирани педијатри од Македонија и од регионот, на темата „Мама или баба знае подобро“.
Педијатрите говореа на повеќе интересни теми за младите и повозрасни родители, за тоа како денес е сѐ полесно благодарение на развојот на општеството, новите технологии, за екранизмот, за вакцинацијата, но од друга страна колку е потешко за родителите со кариери и ангажманот во семејството.
„За некои работи не треба да се измислува топла вода. Но, децата треба да имаат стил на живеење, како порано. Се знаеше, пет оброка на ден. Не може денес на детето прв оброк да му е во 10 часот. Не ми е јасно како може да се оди на тренинг во 20, 21 часот“, кажа прим. д-р Ирена Бралиќ од Хрватска, а д-р Вукомановиќ рече дека седењето, кое е исто така голем проблем за децата, е ризик фактор за здравјето исто како и никотинот.
Прим. д-р Амра Узуновиќ-Калиќ од Босна и Херцеговина зборуваше за намалената стапка на вакцинација, за тоа дека родителите ги одбиваат вакцините, и со тоа влијаат на враќање на епидемии на болести.
„Денес има сѐ повеќе алергии, автоимуни заболувања, астма. Сѐ е тоа последица на глобализацијата, на исхраната, на зголеменото користење на хемиски производи“, рече д-р Узуновиќ-Калиќ, а д-р Бралиќ се надоврза дека е алармантно е што новите генерации ќе имаат пократок век на живеење за разлика од нивните претци.
Македонскиот неонаталог прим. д-р Марина Поп Лазарова зборуваше колку е важна поддршката од семејството при раѓањето на бебе и за тоа дека жените додека се бремени, се фокусирани само на породувањето, а не и на цицањето.
„Тоа е исто така процес за кој не се размислува на почетокот, но задоволно можам да кажам дека денес 99 отсто од родилките ги дојат своите деца“, рече таа.
Во своите пораки до родителите, сите педијатри задоволно рекоа дека денес родителите многу им веруваат на матичните педијатри, дека не бараат антибиотик за секој позитивен брис и апелираа: „Уживајте во секој момент од родителството. Верувајте им на бабите и дедовците, тие носат смиреност, баланс. Верувајте им на лекарите, а не на ‘доктор Гугл’. Но, немојте да бидете строги кон себе и земете си време и за себе“.
Б. НЕСТОРОСКА