НЕВРАБОТЕНА Е ЕДНАТА ОД САМО ДВАЈЦА ДЕФЕКТОЛОЗИ СО ОШТЕТЕН СЛУХ

    НЕВРАБОТЕНА Е ЕДНАТА ОД САМО ДВАЈЦА ДЕФЕКТОЛОЗИ СО ОШТЕТЕН СЛУХКристина Божиновска Сонува да добие работа во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партениј Зографски“, каде со средно стручно образование се стекнуваат децата со оштетен слух, за да ги мотивира да учат повеќе и да им покаже дека и тие можат да студираат (Фото: СДК.МК)

    25-годишната  битолчанка Кристина Божиновска има оштетен слух, но тоа не ја спречило да дипломира дефектологија на Институтот по дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Таа е вториот дипломиран дефектолог со оштетен слух во Македонија. Едната е вработена, а Божиновска е невработена и покрај големиот труд што го вложила за време на студиите.

    Сонува да добие работа во  Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партениј Зографски“, каде со средно стручно образование се стекнуваат децата со оштетен слух. На тој начин ќе  може да ги мотивира да учат повеќе и да им покаже дека и тие можат да студираат.

    За жал, лицата со оштетен слух не се охрабруваат да продолжат на факултетите. Овој проблем го истражив во мојата дипломска работа и видов дека главната причина за оваа ситуација е недостигот на толкувачи на знаковен јазик кои би ја олесниле комуникацијата, вели Божиновска (Фото: СДК.МК)

    „За оваа професија се одлучив зашто уште од мала сакав да бидам едукатор. Исто така сакам да им помогнам на лицата со оштетен слух за да го подигнат образовното ниво, бидејќи нивниот интелектуален капацитет е еднаков со останатите луѓе кои го немаат овој проблем. Нивната единствена пречка е комуникациската бариера која може да се отстрани со толкувачи на знaковен јазик. Доколку би работела во училиште би можела да ги поттикнам да продолжат со школување и другите, да видат дека тоа е возможно“, ни кажа  Божиновска преку толкувач на знаковен јазик.

    Во Македонија на една рака можат да се избројат лицата со оштетен слух кои завршиле факултет. Токму и дипломската работа на Божиновска се однесуваше на темата зошто овие лица ретко студираат. Таа знае само четири лица кои дипломирале и тоа машинство, економија, архивистика, дефектологија, а сега има и една студентка на Градежен факултет.

    „За жал, лицата со оштетен слух не се охрабруваат да продолжат на факултетите. Овој проблем го истражив во мојата дипломска работа и видов дека главната причина за оваа ситуација е недостигот на толкувачи на знаковен јазик кои би ја олесниле комуникацијата. Во развиените земји е сосема нормално лицата со оштетен слух да се запишуваат на факултети, а процентот на запишување на лицата со оштетен слух не се разликува од оној на лицата кои го немаат овој проблем“, вели Божиновска.

    Таа апелира до државните институции да обезбедат поквалитетно образование и подобри услови за вработување за лицата со оштетен слух. Исто така, упати и порака до родителите кои имаат вакви деца да им овозможат го научат знаковниот покрај говорниот јазик, бидејќи тогаш ќе можат многу полесно да ја совладаат наставнта содржина.

    „За среќа, на мојот факултет професорите и моите колеги имаа многу разбирање и се потрудија да ми помогнат. Моите колешки го научија знаковниот јазик за да комуницираат со мене. Исто, имав голема поддршка од семејството и од мојата братучетка која е толкувач на знаковен јазик. Таа не можеше физички да биде присутна со мене бидејќи е во Битола, меѓутоа преку видео повици многу ми помагаше“, вели Божиновска.

    Во моментов, волонтира како придружник на дете со оштетен слух кое учи во редовно училиште во Скопје, но се надева дека за скоро ќе добие работа во училиште каде ќе може да им помага на останатите деца кои имаат проблеми со слухот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира