НИЕ СМЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА ДА ДОНЕСАТ ПРОМЕНА, ВЕЛИ АНГЕЛА ЈАНКОСКА, СТИПЕНДИСТ НА „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“

    НИЕ СМЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА ДА ДОНЕСАТ ПРОМЕНА, ВЕЛИ АНГЕЛА ЈАНКОСКА, СТИПЕНДИСТ НА „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“Јанкоска две години по ред добила стипендии на „Еуролинк оигурување“ наменети за студентите на Правниот факултет“, и периодов ги завршува мастер студиите, насока казнено право

    Дваесет и четиригодишната Ангела Јанкоска, која две години по ред добила стипендии на „Еуролинк осигурување“ наменети за студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели дека чувството е непроценливо кога човек знае дека трудот му е препoзнаен и ценет, што придонесува за понатамошна мотивација и најмногу од се го олеснува самиот процес.

    Јанкоска втора година е претседател на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија, а последнава година работи и во невладиниот сектор. Средно училиште завршила во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во 2013 година, и веднаш потоа се запишала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, каде дипломирала во 2016 година. Моментално ги завршува мастер студиите на истиот факултет, насока казнено право.

    Стипендиите што ги користела Јанкоска се дел од 130-те стипендии што „Еуролинк осигурување“, ги дава веќе петта година, во вкупна вредност од 5.700.000,00 денари.

    „Сакам мојот интелектуален капитал да го инвестирам тука, а се надевам дека и голем дел од младите ќе се одлучат на истото, со надеж дека навистина утре ќе видиме напредок од тоа“, вели Ангела Јанкоска

    „Стипендијата на ‘Еуролинк’ за најталентираните студенти од Правниот факултет е една од најубавите можности што се нудат во текот на студирањето. Јас бев нејзин добитник две години по ред, за време на моите мастер студии, и токму тие средства ми овозможија да си го надоградам сопственото образование преку снабдување со квалитетна, стручна литература и учество на дополнителни обуки и школи во странство. Дополнително, самиот факт дека токму вие сте избрани од голем број студенти, влијае и на идниот работодавец и му кажува многу за вашите способности“, вели таа.

    Уште на почетокот на мастер студиите се трудела да посетува пракса на повеќе места, сѐ со цел да го надоградува знаењето, да биде поконкурентна на пазарот и досега немала негативно искуство.

    „Ова е втора година како сум претседател на Здружението, што често отвара врати за соработка и ангажмани на проекти, но помага и во остварување контакт со потенцијални работодавци“, додава Јанкоска.

    Јанкоска вели дека е неспорно дека на патот до кариерата сите се соочуваат со одредени тешкотии, како и дека е потребна и одредена доза на среќа.

    „Сепак, од моето лично искуство, како и од искуството на моите најблиски колеги, квалитетот секогаш испливува на површина. Амбициозните студенти, кои се доволно посветени и упорни, не е тешко да го добијат првото работно место веднаш по завршување на студиите“, ни рече таа.

    Во визиите за иднината, таа се гледа себеси како ја гради кариерата во Македонија.

    „Од една страна се чувствувам дека сум ѝ должна на Македонија за образованието кое ми е овозможено, како и за сите можности. Од друга страна би сакала да придонесам за подобрување на состојбата во земјава, како и во правото кај нас, што е навистина предизвик. Навистина е жално што се соочуваме со одлив на знаење и ние сме тие што треба да донесеме промени и да направиме нешто за општеството во кое живееме и за идните генерации. Затоа сакам мојот интелектуален капитал да го инвестирам тука,  а се надевам дека и голем дел од младите ќе се одлучат на истото, со надеж дека навистина утре ќе видиме напредок од тоа“, кажа таа.

    На младите луѓе им порачува да бидат амбициозни, иницијативни наместо пасивни и да работат напорно.
    „Доколку сакаат квалитетно образование, нека пристапат сериозно и уште од првиот ден на факултет нека работат на свое надоградување. Успехот е неминовен ако се на свој терен и ако работат со голема љубов. И можеби најважно е да не се задоволуваат со малку. Знаете како велат: ‘Секогаш цели кон месечината. И да ја промашиш се уште ќе бидеш меѓу ѕвездите’“.

    Од „Еуролинк осигурување“ велат дека за доделување на стипендијата потребно е студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5, да не се корисници на друга стипендија и да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата.

    „Со овие стипендии сакаме да им помогнеме на успешните студенти по право да си покријат дел од трошоците за студирање и да ги поттикнат успешно да го завршат факултетот“, велат од „Еуролинк“.

    Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Македонија. Стипендијата за студентите од првиот циклус е во висина од 40.000 денари, додека стипендијата за постдипломските студии е со висина од 60.000 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира