НОВИТЕ БАЛКАНСКИ ЅВЕЗДИ ИМААТ ПОГОЛЕМИ БАРАЊА ОД ЛЕГЕНДА КАКО ПЛАСИДО ДОМИНГО, РЕКОА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА КОНЦЕРТОТ НА 14 МАРТ ВО СКОПЈЕ

    НОВИТЕ БАЛКАНСКИ ЅВЕЗДИ ИМААТ ПОГОЛЕМИ БАРАЊА ОД ЛЕГЕНДА КАКО ПЛАСИДО ДОМИНГО, РЕКОА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА КОНЦЕРТОТ НА 14 МАРТ ВО СКОПЈЕДоминго ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски" во Скопје заедно со Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет (Фото: К. Попов)

    Новите ѕвезди од Балканот имаа повеќе барања од оперската легенда Пласидо Доминго, рече Кристијан Стефановски од „Прагма продукција” на денешната прес-конференција со која беше најавен концертот на 14 март.

    Легендарниот шпански тенор и диригент ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски” во Скопје заедно со Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), која го организира концертот во копродукција со „Прагма”.

    Директорот на НОБ Оливер Арсовски и Стефановски кажаа дека Доминго доаѓа на 11 март и немал никакви посебни барања, освен во однос на сместувањето и храната. На концертот ќе диригира Жорди Бернасер од Шпанија, а како солистка ќе настапи и мецосопранот Марија Хозе Сири (Уругвај/Италија).

    Картите се во продажба по цена од 2.000 до 5.000 денари, а се продаваат и во Србија и Бугарија.

    „Веќе се продадени околу 500 билети во Бугарија и се радуваме дека ове е шанса и за развој на концертен туризам. Што се однесува до озвучувањето, бидејќи се работи за спортска сала, сакам да ја уверам публиката дека работиме со најквалитетните компании и воопшто нема да пречи што е арена”, кажа Стефановски.

    Салата собира над 6.000 луѓе.

    „Овој настан ќе го позиционира Скопје на светската културна мапа”, рече Арсовски.

    Во однос на програмата, Арсовски најави дека концертот ќе биде во два дела: во првиот ќе има дела од италијански композитори како Верди, Пучини и Белини, а во вториот дела од шпанската музичка литература и оперети од Штраус и Лехар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира