Њујорк планира да постави повеќе од 1.500 безбедносни бариери на најпознатите локации низ градот, за да се заштити од терористички напади со возила и слични инциденти.
Планот беше претставен од градоначалникот Бил ди Бјазио и е дел од 50 милиони долари вредната инвестиција во безбедносната инфраструктура, при што сегашните бетонски прегради долж пешачките зони ќе бидат заменети со цилиндрични метални столбови.
„Минатата година, њујорчани сведочеа на ужасниот капацитет на луѓето да повредуваат други, било во подземна железница, било на велосипедски патеки. Но, ништо нема да нѐ обесхрабри и новите инвестиции во безбедносните мерки на јавни места треба да ги заштитат граѓаните од идни напади“, изјави Ди Бјазио.
Во октомври, осум луѓе загинаа кога тешко возило влета на пешачка и велосипедска патека на Менхетн. Пет месеци порано, сличен инцидент се случи и на Тајмс сквер, кога едно лице загина.