Серијата „Да станеш лош“ (Breaking Bad) е прогласена за најдобра телевизиска серија на 21. век од „Њујорк тајмс“, откако се најде на врвот на листата составена врз основа на гласовите на повеќе од 500 професионалци од телевизиската индустрија. Криминалистичката драма, која се емитуваше од 2008 до 2013 година, ја создаде Винс Гилиган, а главните улоги ги играат Брајан Кренстон и Арон Пол.
Во анкетата учествувале 516 актери, сценаристи, продуценти, телевизиски режисери и други професионалци од телевизиската индустрија. Од нив било побарано да изберат до 10 најдобри серии што премиерно биле прикажани од 1 јануари 2000 година наваму.
На второто место се најде „Нарко-мрежа“ (The Wire) во чија прва сезона и режисерот Милчо Манчевски режираше една епизода насловена „Ден за игра“ (Game Day), по неа следуваат „Момците од Медисон (Mad Men), „Наследници“ (Succession) и „Флибег“. Во првите 10 се пласираа и „Игра на тронови“ (Game of Thrones), „Потпретседателка“ (Veep), „30 Рок“ (30 Rock). На последното, 100. место е серијата „Скандал“.
„Да станеш лош“ ја следи приказната за Волтер Вајт, професор по хемија во средно училиште, кој почнува да произведува метамфетамин откако му е дијагностициран рак. Кренстон го играше Вајт, додека Пол го играше неговиот поранешен ученик и партнер, Џеси Пинкман.
Според „Њујорк тајмс“, на листата се земени предвид сценаристички серии, но и реалити-програми, документарни емисии, ток-шоуа, квизови и серии објавувани на Јутјуб.



