Аеродромот во Франкфурт добил од Флорида добил електронска порака со емотивна содржина. На него била прикачена и фотографија од мало, плишано мајмунче играчка.
„Детенце ја заборавило играчката на аеродромот и многу му недостига“, вели Рајке Кругер, заменик шеф на аеродромското биро за изгубено-најдено во Франкфурт.
Мајмунчето стои на полица и ја чека повторната средба со детенцето.
Околу 22.000 предмети завршуваат во бирото за изгубено-најдено секоја година. Бројот на изгубени предмети не е изненадување за аеродром, кој што е еден од најважните светски центри за воздушен сообраќај и четврт најпрометен во Европа, кој лани опслужил повеќе од 64,5 милиони патници.
Некои од изгубените предмети се најдени на терминалите, други се одземени при безбедносните проверки. Тие вклучуваат најразлични работи, од плишани играчки до скапи часовници или електронски цигари.
Најчесто се губат јакни или елеци, но полиците во бирото за изгубено-најдено се полни со најразлични предмети.
Кругер покажува на инвалидска количка.
„Некои патници овде изгледа повторно научуваат како да одат“, вели таа и додава дека веќе не се обидува да разбере зошто патниците со себе ги носат сите тие работи.
Има патници кои ги полнат куферите со јаболка, но и такви кои го носат и нивниот алат кога одат на одмор.
„Моторните пили се класика. Добиваме многу такви, особено во лето“, вели Кругер и додава дека тие не се складираат на отворени полици, туку во специјални кабини за опасни работи.
Сопствениците на загубените или конфискуваните работи главно имаат три месеци за да ги побараат, освен ако тие се расипливи, како што е храната, која што веднаш се фрла.
„Ако има идентификација, како што е картичка со адреса во куферот, ние самите стапуваме во контакт со сопственикот“, вели Кругер.
Кога ќе минат три месеци, многу од личните работи се уништуваат.
„Еднаш ни донесоа албум со фотографии од свадба. Ни се кине срцето кога мораме да фрлиме или уништиме такво нешто“, вели Кругер.
Останатите работи, кои што сопствениците не ги побарале назад, се продаваат секоја година на аукции во блискиот Дармштад.
Биргит Венд, шеф на аукциската куќа, вели дека според податоците од аукциите во последните 30 години, техничките направи не се најпопуларни, наспроти мислењето на луѓето.
„Многу од техничките направи безбедносно се заклучени и најчесто служат како резервни делови. Многу попопуларни се дизајнерските предмети“, вели таа.
Предмети кои се многу вредни во бирото изгубено-најдено на аеродромот во Франкфурт се чуваат и по шест месеци. Чувањето на изгубените предмети не е бесплатно. Колку е повреден предметот и колку подолго се чува, толку е повисока и таксата. Има и награда за оние што ќе ги најдат изгубените предмети.
„Откако нашиот правен статус е јавна транспортна компанија, пронаоѓачот на изгубени предмети има право на награда, но не и на самiot изгубениот предмет“, вели Кругер.
А малото мајмунче го чека долго патување, тоа ќе патува до неговиот сопственик во САД.