Изумира рударската традиција под Кожуф, од рударската населба во која некогаш живееле околу 800 рудари денес главно стојат само урнатини. Морничаво изгледа местото денес, иако според кажувањата за поставеноста на објектите може да се насети дека некогаш тука било навистина убаво. Безброј рударски приказни кои се прераскажуваат крие местото, но и безброј тајни кои никогаш нема да бидат откриени. Во нив се испреплетуваат и тајните на илегалците, главно Романци кои во минатото наоѓале засолниште во напуштената населба, патувајќи илегално кон Грција.
„Пред неколку десетици години на ова место беше многу живо. Имаше повеќе од десет бараки во кои беа сместени работници од повеќе градови на Македонија, но и од странство. Постоеше и амбуланта. Тој голем празен простор што го гледате таму беше извонредна сала за забава. Своевремено таму гостуваа Ханка Палдум, Нада Обриќ, Ѓорѓе Марјановиќ. Рударите се забавуваа со нивните песни. Сѐ уште во ушите како да ми одѕзвонува нивниот глас, а пред очи како да ги гледам измачените рударски лица кои во тие моменти блескаа од радост. После напорната и тешка работа вредните рудари знаеја да подзапеат, па и да се поднапијат”, раскажува Благој Маркушев, кој одреден период од својот работен век ги превезувал рударите со автобус.
Марко Којчев во минатото десет години работел како кувар во рударската населба.
„Домашните работници главно си одеа дома по едномесечен престој тука, а странските остануваа многу повеќе и поретко одеа дома. Слободното време го минуваа и во играње шах. Имаше убави купатила, ете се гледаат остатоците од кујната и ресторанот. Им готвев мусака, ѓувеч, тавче гравче, јанија. Со странците не ретко се разбиравме со мимики оти тогаш преведувачите беа реткост. Нашите работници ги учеа да пијат тиквешко вино и домашна ж’та, на шега им велеа дека за да бидат успешни во работата треба најпрвин да ја поминат обуката за тоа дали се добри пијачи“, се сеќава Којчев.
Во населбата имало и вработени жени, задолжени за ресторанот, хигиената и пералната. Се случувало љубов да пламне и да се изгаси меѓу вработените. Токму една таква рударска животна приказна ни раскажа Којчев,за девојка дојдена од Србија која работела во населбата.
„Девојката останала бремена, амаја криеше бременоста од сите. Се породи самата во вецето од бараката, па го усмртила бебето и го фрлила во кантата за ѓубре, а на крај тоа заврши во долот кај мостот близу населбата. Слушнавме гласови оти вецето беше близу нашата соба, па така ја откривме нејзината тајна. Им кажавме на надлежните, а тие јавиле во полиција и потоа имаше истрага за случајот”, вели Којчев.
Ристо Павлов од блиското село Рожден, кој своевремено се иселил во градот, а сега повторно голем дел од годината престојува во селото каде што одгледува пчели, кажува дека од дамнина рударството било традиција во неколку села од регионот, а биле активни неколку рудници.
„Интерес за активирање на некои од нив постои и сега, но прашање е дали повторно ќе заживее рударството како некогаш. Индијци се заинтересирани за рудникот во Арничко, сакаат од рудата што ја имало внатре да прават бижутерија. Ова го знам бидејќи нивните претставници самиот ги носев со трактор до локацијата”, ни рече Павлов.
За Алшар, светски познатиот рудник кај селото Мајден, Павлов нагласува дека не е стручно лице но дека според него, овој рудник е вистинска витрина за руди и би било добро кога би бил претворен во своевиден музеј кој би можел да се посетува.
За да се развие туризмот пак, во крајот кој изобилува со природни богатства, вели дека се неопходни подобрена инфраструктура и сместувачки капацитети.
За развој на туризмот размислуваат и од црковниот одбор на манстирчето „Свети Петар“ кое е наспроти рударската населба. Тие веќе користат една од бараките кои останале од населбата и ја наполниле со кревети за престој, а такво нешто планираат и со другата која е во подзачувана состојба, ако им дозволат да ја користат.
До манастирчето и рударската населба патувавме со камион „фап“ стар 27 години кој инаку превезува шумски работници сечачи и кои го викаат циркус. Од Кавадарци до таму патувавме околу 2 часа по асфалтиран пат. Со нормален превоз, околу 41 километар се возат за околу 50 минути.