ОД ВИЗБАТА НА ТИТИ ДО НАЈГОЛЕМИТЕ МАКЕДОНСКИ ХИТОВИ – ЖИВОТОТ НА ДРАГАН КАРАНФИЛОВСКИ-БОЈС ВО ФОКУСОТ НА „НЕЗАБОРАВ“ ВО БИТОЛА

    ОД ВИЗБАТА НА ТИТИ ДО НАЈГОЛЕМИТЕ МАКЕДОНСКИ ХИТОВИ – ЖИВОТОТ НА ДРАГАН КАРАНФИЛОВСКИ-БОЈС ВО ФОКУСОТ НА „НЕЗАБОРАВ“  ВО БИТОЛАГрупата „Мадригали“ стои зад некои од најпознатите македонски рок песни „Здраво млади“, „Македонски рок“, „Скопски блуз“, „Плати една дупла и марш да те нема“ и ред други. (Фото: Архивска фотографија)

    „Валерија“, „Опасно сум вљубен во тебе“, „Ајде лулај ме нежно“, „Бели нарциси“ се само неколку бесмртни хитови од над 400 песни, од кои дури 250 се заштитени на големата музичка ѕвезда од Битола Драган Каранфиловски-Бојс (1956-2015). Токму на неговиот живот и творештво е посветено 10. издание на музичката манифестација„Незаборав“, чиј автор и продуцент е битолчанецот Панде Димитровски. Преку овој настан една деценија се негуваат спомените за музичките легенди на Битола, а годинава поради пандемијата со ковид-19 наместо музички настапи, снимен е видеоматеријал од 41 минута кој утре во 19:15 часот ќе биде прикажан на ТВ Тера. Режисер е Миле Гроздановски, а сценарист и наратор Силвана Петровска-Насух.

    Според видеоматеријалот, првите музички аранжмани на овој голем рок музичар настанаа во 1970-те години токму во визбата на битолскиот тапанaр Тити од бендот „Македонија“.  Потоа, кариерата ја продолжи во култниот битолски бенд „Мадригали“ како соло гитарист заедно со Благој Тасевски соло гитара, Миле Шерденковски бас гитара, Цане Николовски вокал и флејта и Тоше Ѓоргиевски тапани. Преку песните во „Мадригали“ ја изнесувал својата импресија за градот каде што живеел, па со бендот пееле „Битола е град за тој што е млад’’ или „Еј, ти девојко мала, сакаш ли да се возиме со пајтон?“ Така, се родиле едни од најпознатите македонски рок песни „Здраво млади“, „Македонски рок“, „Скопски блуз“, „Плати една дупла и марш да те нема“ и ред други.

    Култниот битолски бенд „Мадригали“ : Драган Каранфиловски-Бојс, Благој Тасевски соло гитара, Миле Шерденковски бас гитара, Цане Николовски вокал и флејта Тоше Ѓоргиевски тапани. (Фото: Архивска фотографија)

    „Во видеоматеријалот се обидовме да опфатиме податоци за неговата личност како музичар, автор, творец, гитарист. Се работи за личност која ја започна кариерата во Битола како сологитарист во ‘Македонија’, подоцна во ‘Мадригал’, па ‘Буба Мара’, ‘Трн во око’, за да продолжи солистичка кариера како пејач, а е познат по тоа што е комплетен автор на повеќе песни и како пејач и како композитор“, рече Димитровски, продуцент и автор на „Незаборав“.

    Во негово време групата „Буба Мара“ ќе остане запаметена по сингловите „Бај- бај“, „Хелоу- хелоу“, двете песни авторско дело на Каранфиловски кои прекрасно звучат во изведба на препознатливиот глас на Љупчо Спасеновски. Подоцна ќе ги компонира и сам ќе ги отпее и песните „Опасно сум вљубен во тебе“, „Валерија“, „Бели нарциси“ и други, а ќе ги напише и бесмртните хитови „Јануарска ноќ“ во изведба на Зафир Хаџиманов“, „Моја латина“ на Дарио и „Миг 21“, „Една игра јас и ти“, на Даниел Поповиќ, „Искро моја“ на Игор Џамбазов и други.

    Сценаристката на документарецот, Силвана Петровска-Насух, продуцентот Панде Димитровски и битолската градоначалничка Наташа Петровска. (Фото: СДК.МК)

    Оставил белег во детската популарна музика и фестивалот „Си-до“ каде ги создал хитовите кои до ден денес ги знае и старо и мало, и тоа „Наташа од трето три“, „Ало амбуланта“, „Зоки ме моли да се возиме“, „Прва љубов“, „Слатка е Марија на Бундеви“, „Боби баш ми е гајле“…

    Манифестацијата е поддржана со средства на Општина Битола.

    „Аманетот е дека во оваа насока мора да продолжиме зашто оваа манифестација ги чува трагите за бележите кои луѓето ги направиле во својот живот, а и нам ни овозможува да дадеме свој придонес во подигнување на овие вредности, по кои се разликуваме и сме специфични “, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира