Робот што служи тестенини е само еден од начините на кој Кина ќе се обиде да ја заштити претстојната Зимска олимпијада од коронавирусот, во очекување во Пекинг да дојдат околу 13.000 странски спортисти и новинари. Организирањето на Олимпијадата ќе биде огромен предизвик за Кина, бидејќи таа се случува среде брзото ширење на сојот омикрон.
„Игрите ќе се одржат според планот. Моментално, сè се одвива непречено и под контрола. Сега-засега, нема планови за целосно затворање на Пекинг“, изјави Хуанг Чен од здравствената комисија при Организацискиот комитет.
Целата Олимпијада ќе се одржува во еден „затворен круг“, кој ги вклучува Пекинг и соседните градови Јанкинг и Жангџијаку. Од моментот на пристигнувањето во Пекинг, сите влегуваат во тој круг, кој ќе биде внимателно чуван и отсечен од остатокот на кинеската популација. Сите 25 борилишта кои се дел од кругот се веќе оградени со жица и лим.
Организаторите велат дека на учесниците ништо нема да им недостига во кругот. Некои кантини ќе бидат опремени и со машини за готвење, вклучувајќи роботска рака за ставање тестенини на чинија, сè со цел да се намали човечки контакт.
Олимпијците ќе се превезуваат во специјални такси возила, што жителите на Пекинг не смеат да ги допираат по никоја цена. За време на Игрите ќе се намали бројот на секојдневните возила на улиците.
Сите учесници ќе мора да приложат доказ за вакцинирање со две дози и да се тестираат и пред и по доаѓањето во Пекинг. Тие потоа ќе се тестираат секој ден за време на одржувањето на ОИ, а сензорите на пазувите цело време ќе им ја следат телесната температура.
Дури и заминувањето од кругот нема да биде лесно: олимпијците ќе мора да ја напуштат Кина со специјални чартер-летови, а 19.000 волонтери и друг персонал прво ќе одат во карантин на две-три недели.