Ристо и Симеон Насков од штипската приградска населба Стар Караорман, кои денеска навлегоа во својата 102., односно 105. година, првиот ден од новата година беа домаќини на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој им врачи подароци и им посака догодина пак да се видат. Наскови, пак, упатија јасна порака до сите: Македонија да се издигне.
Ристо и Симеон Насков важат за најстар братски тандем во Македонија. Со своите синови и ќерки живеат во две одвоени куќи, но со ист двор, каде што имаат пластеници и мали живинарски фарми. Повозрасниот Симеон пред две години опаднал, но лани се кренал од кревет и вели дека цела година не се пожалил на никаква болест. Ристо, пак, и ова лето работел во пластениците со пиперки и краставици.
„Дедо ми Ефтим имал петмина синови и две ќерки. Во Стар Караорман се преселиле од кочанското село Пресека пред Втората светска војна. Кога станале полнолетни, бугарските власти ги регрутирале Ристо и Симеон во нивната војска. Ги однеле во Велико Трново, од каде што многу брзо дезертирале. Заедно со уште тројца Македонци пеш ја поминале цела Бугарија, со намера да дојдат до планината Плачковица и скришно да се вратат дома“, ги раскажа нивните сведочења Крум Насков, синот на Симеон.
По војната, тие се вработиле во земјоделски задруги, а потоа во фабриката „Македонка“. Велат дека немаат посебен рецепт за долговечност, но сметаат дека работата ги одржувала во живот.
Т. ЈОВАНОВСКИ