Американски и севернокорејски официјални лица немаат намера да се сретнат за време на Зимската олимпијада во Пјонгчанг, иако потпретседателот на САД Мајк Пенс и сестрата на Ким Џонг-Ун ќе седат на само неколку метри растојание на утрешната церемонија на отворањето.
Распоредот на ВИП-седишта им зададе големи главоболки на организаторите, кои го рекламираат настанот како Олимпијада на мирот, но уште самото отворање ќе биде голем тест за нив.
Пенс ќе биде придружуван од таткото на Ото Вормбир, американскиот студент кој беше затворен во Северна Кореја, за да почине само неколку дена откако беше вратен дома во коматозна состојба.
Ким Јо-Џонг се наоѓа на црната листа на САД поради санкциите воведени кон Северна Кореја. Таа раководи со државниот оддел за пропаганда и има важна улога во владејачката Работничка партија. Со доаѓањето во Пјонгчанг, Ким ќе стане првиот член на владејачкото семејство кој ја преминал границата меѓу двете земји, кои технички сѐ уште се во војна.
Пенс, кој ќе ја предводи американската делегација, вети дека ќе ја спречи Северна Кореја во обидите да ги украде пораката и имиџот на Олимпијадата.
„Ние сме тука да им дадеме поддршка на американските спортисти, како и на нашите сојузници, но и да го потсетиме светот дека Северна Кореја е еден од најтиранските и најрепресивни режими. Нема да дозволиме пропагандата на Северна Кореја да ги украде пораката и имиџот на Олимписките игри“, изјави Пенс.