Новооткриен дел на нашиот имунолошки систем би можел да се искористи за да се лекуваат сите видови рак, велат научници.
Тим од Универзитетот во Кардиф открил метод за уништување на рак на простата, дојка, бели дробови и на други видови, но тоа досега не е тестирано на пациенти. Сепак, научниците велат дека ова има огромен потенцијал.
Имунолошкиот систем е природната одбрана на телото од инфекции, но ги напаѓа и канцерогените клетки. Научниците притоа барале неконвенционални и досега неоткриени начини на природно напаѓање тумори. Тие притоа откриле Т-клетка во човечката крв.
Станува збор за имунолошка клетка која може да го скенира телото и притоа препознава закани што треба да бидат елиминирани. Разликата е во тоа што оваа клетка може да нападне разни видови рак.
„Ова е шанса за лекување на сите пациенти. Ова е многу повеќе од третманите за конкретен вид рак. Оваа клетка би можела да биде способна да уништува разни видови рак во целата популација“, вели професорот Ендрју Сјуел, кој учествуваше во истражувањето.