ОВДЕ НЕМА МЕСТО ЗА ПОЛИТИКА – ФОТОГРАФИ ОД ЕКСЈУГОСЛАВИЈА НА САМИТ ВО ЛЕСКОВАЦ

    ОВДЕ НЕМА МЕСТО ЗА ПОЛИТИКА – ФОТОГРАФИ ОД ЕКСЈУГОСЛАВИЈА НА САМИТ ВО ЛЕСКОВАЦНа седмата по ред средба дојдоа 50-ина фотографи од цела Југославија. (Фото: СДК.МК)

    Над педесетина фотографи од сите поранешни републики на Југославија три дена се дружеа во Лесковац како гости на тамошниот фотоклуб. Оваа дружба наречена Самит на фотографите од екс Југославија се одржува деветта година по ред.

    „Дали животот е минлив, а фотографијата е вечна? Дали фотографијата е само спомен или може да биде и нешто повеќе? Одговори на овие и на некои други прашања секоја година се обидуваат да ги добијат учесниците на Самитот на фотографите од екс Југославија во Лесковац“, напиша во предговорот во годинашниот каталог Сања Циниќ, директорка на лесковачкиот културен центар, каде се одржува оваа манифестација.

    А, меѓу фотографите кои другаруваа беа и неколку доајени на фотографијата од овие простори, предводени од Томислав Петернек, кој и сега е активен фотограф.

    Тома Петернек (86) е толку познат по својот шешир што во Лесковац се доделува и награда со такво име (Фото: СДК.МК)

    „Овој собир на фотографите е чиста носталгија, но за мене е многу поважно тоа што не сме затворени во своите држави, туку преку фотографиите, изложбите и културата се дружиме и нешто се движи. Фотографијата е моќно оружје! Сите овие наши политичари тешко можат да ги разберат ова наше дружење и соработка“, вели Петернек, кој иако има 86 години, блика со енергија и со нескриени жар и ентузијазам ги споделуваше своите искуства.

    Меѓу најбројните фотографи на средбата беа оние од Словенија.

    „Првпат на ваква средба дојдов пред седум години и уште тогаш кажав ова што нашите пријатели од Лесковац го направиле, ние во Словенија многу тешко би го направиле. Она што овде ме привлекува е тоа што има големо дружење со сите присутни фотографи. За овие години стекнав голем број пријатели. За мене овде граници не постојат. Ние овде не зборуваме за економските и политичките состојби во нашите републики и за политичарите, зборуваме за фотографијата, изложби, за уметност. Фотографијата нема граници“, вели словенечкиот фотограф Иво Борко.

    На фото-сафарито оваа година се посети селото Долна Лакошница, надалеку познато по сушените црвени пиперки (Фото: СДК.МК)

    И македонските фотографи се редовни учесници на фотографските средби во Лесковац. Покрај претставници на раководството на Фото сојузот на Македонија, имаше и фотографи од неколку фотоклубови.

    „Самата идеја, негување на старите пријателства, ја прави оваа манифестација единствена. Наградите што беа доделени, изложбите на кои беа претставени националните фотографски асоцијации, фото-сафарито кое секоја година е на друго место во околината на Лесковац и проекциите на кои видовме некои нови идеи и пристапи во фотографијата целосно ги исполнија моите очекувања. Секое вакво дружење посебно претставува непроценливо искуство за секој фотограф. Се надевам дека некогаш, како Фото сојуз на Македонија, ќе имаме можност барем дел од овие фотографи да поканиме на слична средба и во Македонија“, кажа Кирил Штрков, претседател на Фото сојузот на Македонија.

    На средбата беше отворена изложба на колекции фотографии на фото асоцијациите и фото клубовите од сите поранешни југословенски републики, а Радослав Филиповиќ, фотограф од Лесковац, ја доби традиционалната награда на овие средби „Шеширот на Тома“, наречена по препознатливиот шешир на Тома Петернек. Посебно голем интерес предизвика фото-сафарито, во кое се посети селото Долна Лакошница, надалеку познато по сушените црвени пиперки.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира