ПО 20 ГОДИНИ РАСПАЃАЊЕ, КУМАНОВСКИ НОТР ДАМ СЕ ВРАЌА ВО СТАРИОТ СЈАЈ

    ПО 20 ГОДИНИ РАСПАЃАЊЕ, КУМАНОВСКИ НОТР ДАМ СЕ ВРАЌА ВО СТАРИОТ СЈАЈЗанаетчискиот дом, познат и како кумановски Нотр Дам, почнал да се гради во мај 1930 и бил завршен за шест месеци. По 20 години распаѓање, во 2016 почна обновата и останува да се реновира уште еден дел (Фото: СДК.МК)

    Занаетчискиот дом во Куманово, кумановскиот Нотр Дам како што многумина го нарекуваат, е препознатлив белег на градот. Неговата изградба е поврзана со почетоците на планскиот урбанистички развој на градот и ова е прв објект во Куманово кој имал водовод од сопствен бунар и санитарни јазли.

    Во периодот меѓу двете светски војни, Куманово главно бил занаетчиски град, па еснафот покренал иницијатива за формирање фонд за изградба на дом, кој ќе служи за културно издигање на занаетчиската младина. Средствата биле собирани по разни основи и со доброволни прилози, а за целосно завршување, биле подигнати кредити од „Занаетчиската кредитна банка“ од Белград и од „Вардар банка“ од Скопје.

    Во 2016 година беа обезбедени 325.000 евра за реконструкција на објектот (Фото: СДК.МК)

    Проектот го изработил тогашниот општински инженер, Русинот Владимир Антонов, а го граделе мајстори од селото Гиновце, Кривопаланечко, кои биле рамни на тогаш познати црнотравски мајстори.

    „Камен темелник бил удрен при крајот на мај 1930 година. Објектот бил започнат во периодот кога државата и светот ги треселе големите економски кризи. Занаетчискиот дом бил завршен за релативно кратко време, за шест месеци. Тој бил пушен во употреба на 21 ноември 1930, кога била организирана помпезна свеченост, а објектот бил ‘осветен‘ и отворен од претседателот на тогашната влада на Кралството Југославија, Петар Живковиќ“, пишува хроничарот Димитар Масевски во списанието „Корени“.

    Во Домот денес е сместена и салата за венчавање (Фото: СДК.МК)

    Тој додава дека, според проектот, Домот располагал со дуќани кои се наоѓаат на кат, каде требало да се одвиваат сите културни активности на занаетчиската младина и разни активности и манифестации на кумановските занаетчии, потоа мала сала со летна тераса и кујна, која се наоѓала на вториот кат. Административни простории и простории за домување биле во задниот дел на објектот.

    „Ова е првиот објект во Куманово со сопствен водовод од бунар. Преку систем на цевки, водата со пумпа се качувала во резервоар на покривот и се користела за санитариите во објектот“, открива Масевски.

    Под итно треба да се реновира целата фасадата, која на некои места е многу оштетена од атмосферските влијанија (Фото: СДК.МК)

    По војната, дуќаните се дадени на тогашното трговско претпријатие НА-МА, канцелариите ги користела Занаетчиската комора, во салата долги години работело киното „Напредок“, а во административните простории до неодамна беше сместена подрачната единица на Државниот архив на Македонија.

    Последните дваесетина години, Занаетчискиот дом беше оставен да се распаѓа, сосема празен и неискористен.

    Во 2016 година, Општина Куманово и Бирото за рамномерен регионален развој обезбедија 325.000 евра за реконструкција на објектот. Со проектот е опфатена површина од 650 квадратни метри, приземје и три ката, а останува да се реновира уште еден дел. На приземјето се деловни простории, а на преостанатите три ката е основната намена на градбата, дополнета со сродни содржини неопходни за современите потреби на локалната самоуправа. Тука е сместена и салата за венчавање. Фасадата е од оригиналниот проект, а максимално се задржани препознатливиот изглед и културно-историското значење на објектот. Согласност за проектот даде Заводот за конзервација и реставрација.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира