Бeрт Рејнолдс, еден од водечките холивудски актери од 70-ите години на минатиот век, почина на 82-годишна возраст во болница на Флорида од последиците од срцев удар.
Актерот познат по своите мажествени мустаќи имаше кариера од шест децении, прославувајќи се со филмот „Ослободување“ од 1972 година, во кој четворица пријатели одат на трагична авантура со кајаци во рурална Џорџија.
Освен што филмот освои три номинации за Оскар, на Рејнолдс му обезбеди статус на секс симбол, што уште повеќе беше потенцирано со акционата комедија „Смоки и бандит“ од 1977 година.
Неговата кариера доживеа благ пад во 80-ите години, но оствари голем камбек во наредната деценија со филмовите „Стриптиз“ и „Ноќи исполнети со буги“, за кој ја доби и единствената номинација за Оскар и беше награден со Златен глобус.
„Никогаш не сум имал нормална кариера, мојата повеќе личеше на срцев удар. Сум снимил повеќе од 100 филмови и сум пример за долговечност“, изјави своевремено Рејнолдс, кој издаде две автобиографии.
Последно, тој требаше да се појави во новиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во Холивуд“.