Еди ван Хален, чие иновативно и експлозивно свирење го направија еден од најдобрите хеви метал гитаристи на сите времиња, почина од рак на 65 години, потврди неговиот син Волфганг. Американскиот музичар со холандско потекло долго време се лекуваше од рак на грлото.
Еди ја основал „Ван Хален“ заедно со својот брат Алекс во 1972 година и истоимениот прв албум од 1978 навести дека тоа ќе биде бенд кој ќе се врти околу неговото маестрално свирење. Групата издаде 12 студиски албуми и беше еден од предводниците на американскиот хеви метал во 1980-ите, што беше зацементирано со хитот „Скокај“ (Jump), кој се најде и на првото место на американската топ листа во 1984. Групата продаде повеќе од 80 милиони албуми во својата кариера.
„Ролинг стоун“ го избра Ван Хален за осмиот најдобар гитарист на сите времиња на својата топ 100 листа.