Поранешен американски војник кој пребегнал во Северна Кореја, која потоа 40 години го држеше во заробеништво, почина на 77-годишна возраст во Јапонија, каде што живееше по ослободувањето во 2004 година.
Тогаш 24-годишен, Чарлс Џенкинс бил меѓу четворицата американски војници кои пребегнале во 60-ите години, за да станат филмски ѕвезди во Северна Кореја, но само тој дочека да биде ослободен. Останатите починале во Северна Кореја.
Тој водел исклучителен, но тежок живот во Северна Кореја, што го опиша во своите мемоари и неколку интервјуа.
Во 1965 година, Џенкинс бил стациониран со американската војска во Јужна Кореја, во близина на демилитаризираната зона, кога ја преминал границата, од страв дека ќе го пратат во Виетнам. Неговиот план бил да побара азил во амбасадата на Советски Сојуз, по што ќе се врати во САД преку размена, но, место тоа, бил затворен.
„Кога сега ќе помислам на тоа, бевме будали. Ако постои Бог, тој ме водеше низ сето тоа“, кажа Џенкинс во интервју во 2005 година.
Таму биле тепани, измачувани, подучувале англиски и дури глумеле американски негативци во неколку пропагандни филмови. Во 1980 година, властите го споиле Џенкинс со Јапонката Хитоми Сога, со која добил две ќерки. Кога таа била вратена во Јапонија во 2002 година, Џенкинс го искористил тоа за да ѝ се предаде на американската војска две години подоцна.
Откако одлежа 30 дена во затвор, тој продолжил да живее на островот Садо, каде што прво морал да се соочи со модерниот свет, бидејќи, како што призна, никогаш не видел компјутер во животот.