ПОЧИНА САШО ПАНОВ, НЕФОРМАЛНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ПОПОВА ШАПКА

    ПОЧИНА САШО ПАНОВ, НЕФОРМАЛНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ПОПОВА ШАПКАСликарот Сашо Панов е еден од ретките жители кој цела година живееше на Попова Шапка, па викендашите го викаат градоначалник. (Фото: СДК.МК)

    Во 74 година од животот почина Сашо Панов, режисер во МТВ, сликар, спортист, освојувач на бројни медали во скијање на скијачки купови и наш познат тенисер. По заминувањето во пензија, постојано живее на Попова Шапка во неговата викендичка поради што и ја доби почесната титула „Градоначалник на Попова Шапка“.

    Сашо Панов беше голем вљубеник во Попова Шапка, беше еден од ретките кој во текот на целата година живееше во викенд населбата, беше препознатливо лице на оваа наша планинска убавица. Неуморно се бореше со сите проблеми кои ја засегаа Попова Шапка и со сите сили настојуваше овој наш најпознат зимски туристички центар да ги поврати старата слава и сјај кои некогаш ги имаше.

    „Јас сум вљубен во Попова Шапка. Таа ги има најдобрите услови за скијање. Прв пат овде дојдов како дете уште во 1954 година и бев воодушевен од ова место. Од тогаш секоја зима бев овде да се скијам а по пензионирањето овде почнав и да живеам за постојано да бида близу до оваа убавина“, знаеше да каже Сашо Панов.

    Иако навлезе во осмата деценија од животот Сашо ни за момент не го напушти скијањето. Во зима секој ден по два три часа одеше на скијање.

    „Секогаш кога ќе стапнам на ските се потсетувам на оние убави моменти кога се натпреварував на бројни скијачки натпревари во тогашна Југославија и надвор од неа, се сеќавам и на бројните успеси што ги постигнав за скијачката репразентација на Македонија и на Југославија“, со гордост зборуваше Сашо за минатите времиња.

    Откако замина во пензија целосно се пресели на Попова Шапка. Неговата скомна викендичка ја претвори во ликовно ателје. Сликаше пејзажи, актови, астракции, икони, кучето шарпланинец му беше омилена сликарска тема како и убавините на Шара.

    „Овде сум по цел ден и уживам во сликањето. Ваков мир и убавина тешко можат на друго место да се најдат. Сликањето ми е меракот на душата. Татко ми беше професор по ликовно и од него го наследив овој талент. Имам работено и иконостаси во неколку цркви, мои слики има низ цел свет. Сум имал и изложби но веќе немам намера да правам . Најголемото задоволство ми е да си сликам само за себе“, зборува Сашо Панов за неговата втора или прва љубов после скијањето.

    Сашо Панов починал во својата викендица опкружен со своите слики, освоените медали, спортските реквизити и се она што му значеше во животот. Погребот на Сашо Панов ќе се изврши утре на градските гробишта во Скопје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира