СЛИКАМ И ГИ БРОЈАМ ДИВОГРАДБИТЕ, ВЕЛИ САШО ПАНОВ, „ГРАДОНАЧАЛНИКОТ“ НА ПОПОВА ШАПКА

    СЛИКАМ И ГИ БРОЈАМ ДИВОГРАДБИТЕ, ВЕЛИ САШО ПАНОВ, „ГРАДОНАЧАЛНИКОТ“ НА ПОПОВА ШАПКАСликарот Сашо Панов е еден од ретките жители кој цела година живее на Попова Шапка, па викендашите го викаат градоначалник (Фото: СДК.МК)

    Го викаат „градоначалник“ на Попова Шапка, и не случајно бидејќи е еден од ретките жители на кој тука постојано престојува во текот на целата година. Ги знае сите убавини на Попова Шапка но и сите нејзини проблеми. Последниве пет-шест години постојано живее во неговата викендичка во викенд населбата. Како претседател на Месната заедница има многу направено за подобрување на условите за престој во викенд населбата. Затоа на Сашо Панов оваа почесна тутула градоначалник сосем и му прилега.

    Од дворот се протега прекрасен поглед на цела Попова Шапка и манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец (Фото: СДК.МК)

    „Да, знаат овие од населбава на шега да кажат дека сум градоначалник бидејќи постојано сум тука и ги знам сите проблеми на викенд населбата. Тоа секако ми годи, но каков сум ти јас градоначалник кога не можам да ди решам проблемите, а нив навистина ги има многу. Последниве неколку години се запусти Попова Шапка како во зима, така и во лето. Еве само погледнете низ улиците во населбава се шетаат крави, а од кучиња скитници не можеш ни да се прошеташ. Агресивни се и неретко ги напаѓаат минувачите. Улиците се полни со дупки, често имаме проблеми со струјата а во зима дел од населбата е непрооден бидејќи нема кој да го исчисти снегот. Почнаа да никнуваат дивоградби несекаде. Хотелите, оние постарите, се во очајна состојба. Неодамна копаа за жичара, го оштетија водоводот, горе им текнало езеро ќе прават за вештачки снег, но и тоа го погрешиле и сега стои громада ископана земја. Војниот дом почнаа да го реновираат, но и тој остана недовршен, без фасада, личи на вистинско ругло. Е, што беше некогаш Шапка, а што стана сега“, вели Панов и додава:

    Викендичката ми е едно големо ателје и галерија, овде сум по цел ден и уживам во сликањето, ваков мир и убавина тешко можат на друго место да се најдат, вели Панов (Фото: СДК.МК)

    „Шапка ги има најдобрите услови за скијање слободно можам да кажам и на светско ниво, но што фајде од тоа кога другите работи не се средени. Навистина многу сум разочаран од ваквата состојба. Јас и сите жители на населбава се бориме да ја подобриме сосотјбата но сме немоќни, ова сепак бара многу поголемо ангажирање од Општината и од државата“, вели Панов седнат во малото, необично украсено дворче од неговата викендичка од каде се протега прекрасен поглед на цела Попова Шапка и манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец, на спротивното брдо од викендичката.

    Неговата љубов кон Попова Шапка започнала уште во 1950-те години, кога од Скопје со татко му доаѓале овде да скијаат. Но во тоа време тоа доаѓањето на Попова Шапка не била вообичаена работа туку повеќе личело на голема авантура.

    „Татко ми беше професор во тогашната Машка гимназија, а бидејќи беше голем љубител на скијањето, зимно време додека траеше распустот, ги водеше неговите ученици на Попова Шапка па и јас доаѓав со нив. Почетоците беа таму некаде во 1951 година. Тогаш Скопје немаше многу ученици, постоеа машка и женска гиманзија и уште некое средно училиште од каде се формираа една до две групи деца кои сакаа зимскиот распуст да го поминат во скијање на Попова Шапка . Е, целото тоа патување до Попова Шапка  во тоа време беше вистинска авантура. Прво рано, рано изутрина се качувавме на возот за Тетово, тоа станувањето рано ми беше една од најтешките работи. Од железничката станица, сите натоварени со големи ранци полни со храна и облека  и скиите на рамо, одевме пеш до Горна Чаршија  каде нé чекаа едно педесетина коњи, дојдени од Лисец, а кои ги изнајмувавме да ни ги носат скиите и ранците. И така од таму сите пеш, правец кон кон Попова Шапка зошто тогаш немаше ни жичарница ниту пат до горе. Освен тоа, во тоа време имаше големи снегови и беше навистина тешко за одење, па ни требаше цел ден пешачење додека се качиме до Шапка. Во Лисец, некаде на пол пат, ќе направевме одмор и ќе се напиевме топол чај, а потоа продолжувавме нагоре. Се сеќавам, секогаш најтешко ни беше кога ќе дојдевме до месноста Голгота, тоа е близу до Попова Шапка. Да се помине Голгота, затоа ѝ го дале и тоа име, е тешко и по убаво време но, знаеше  некои години тука да нѐ зафати и големо невреме со силна виулица, е тогаш за нас, кои сѐ уште бевме деца, беше навистина подвиг да се дојде до Шапка“, вели Панов

    Кога конечно ќе стигнеле до Попова Шапка се сместувале во тогашниот Планинарски дом.

    „Спиењето беше во заеднички соби на дрвени кревети на три спрата, а место на душеци тогаш спиевме на сламарици. Ни скијањето тогаш не беше како сега, немаше жичарници, немаше ски лифтови, па моравме со скиите на рамо да се искачуваме до некој врв за да се спуштиме, а потоа пак скиите на рамо и пеш нагоре. Но тоа за нас не беше проблем, па и покрај сите тие напори јас многу го засакав скијањето и таа љубов до ден денес ме држи“, вели Панов.

    Слика пејсажи, актови, икони, го слика кучето Шарпланинец, но најмногу сака да ја слика Попова Шапка и Шар Планина (Фото: СДК.МК)

    Кажува дека имал голем талент за скијање, па набрзо почнал да членува во скијачкиот клуб „Љуботен“  и во неколку клубови од Скопје, се натпреварувал на „Шарпланинскиот куп“ и бил член на „Б“ скијачката репрезентација на тогашна Југославија. Освоил повеќе први места во натпревари во скијање за инвалиди, на шестгодишна возраст во несреќен случај ја загубил шаката од десната рак, а во оваа категорија учествувал и на Светско првенство во Франција во 1973 каде во тројна комбинација станал светски првак. Сашо и денеска, иако има 73 години, не може без скијањето, во зима секој ден се скија по два три часа. Неговата втора спортска љубов е тенисот, каде освојувал бројни награди, а играл и пинг понг. За својата спортска активност повеќе пати бил во изборот на најдобри спортисти на Македонија.

    Ликовна академија отсек за режија со сценографија студира во Белград и Софија. Работел во Македонската телевизија како режисер во реализација на спортски преноси. Кога се пензионирал, заминува во својата викендичка на Попова Шапка каде ги минува пензионерските денови.

    „Јас сум петти по ред кој купи плац на Попова Шапка уште во 1981, но викендичката ја направив подоцна. Таа е изработена по мој нацрт, по моја идеја. Оградена со десетици пара стари скии, да ме потсетува на скијањето, а нејзината надворешност постојаноја доправам и доцртувам. Всушност, викендичката  ми е едно големо ателје и галерија. Овде сум по цел ден и уживам во сликањето. Ваков мир и убавина тешко можат на друго место да се најдат. Сликањето ми е меракот на душата. Татко ми беше професор по ликовно и од него го наследив овој талент. Имам работено и иконостаси во неколку цркви, мои слики има низ цел свет. Сум имал и изложби но веќе немам намера да правам . Најголемото задоволство ми е да си сликам само за себе“, вели Панов.

    Слика пејсажи, актови, икони, го слика кучето Шарпланинец, но најмногу сака да ја слика Попова Шапка и Шар Планина. И тука повторно се враќаме на проблемите на Попова Шапка, посебно со сé позачестените случаи на дивоградби.

    „За жал, во последниве неколку години зачестија дивоградбите на Попова Шапка, а посебно во викенд населбата. За изградија или се започнати со градба десетина дивоградби и досега никој не дошол тоа да го спречи или санкционира. Еве последниов случај, со почетокот на изградбата на џамијата овде во викенд населбата, силно ги вознемири нејзините жители. Но да се разбереме, ниту јас, а ниту било кој од населбата не е против изградба на џамија овде. Напротив, ако некој смета дека овде му е потребен ваков верски објект, нека го изгради. Проблемот е тој што овој објект се гради без градежна дозвола, се гради според план и габарит што никој званичен и надлежен општински или државен орган не го одобрил. Е тоа е проблемот, а не дали ќе биде џамија или нешто друго“, вели Панов.

    Тишината повремено ја нарушува лаењето на кучињата скитници и мукањето на кравите кои слободно си се шетаат низ населбата. Панов ја испива чашата пиво, неговиот омилен пијалок, и се повлекува во своето ателје. Ја довршува најновата иконата посветена на Свети Наум Охридски Чудотворец, како бдее и ја заштитува  Попова Шапка.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари