Францускиот режисер и фотограф Жист Жакен, кој го сними култниот еротски филм „Емануела“, почина на 82 години. Софткор филмот со холандската актерка Силвија Кристел во главната улога беше режисерско деби за Жакен.
Освен што беше најуспешниот филм во Франција во 1974 со речиси девет милиони гледачи во кината, „Емануела“ се стекна со голема популарност и на светско ниво, од Јапонија до САД. Заснован врз истоимениот еротски бестселер на Емануела Арсан од 1959 година, филмот ги следи сексуалните авантури на млада жена во Азија и со тек на време стана социјален феномен, а го следеа уште шест продолженија.
Во следните десет години, Жакен сними уште седум играни филма, главно еротски драми, по што се повлече од филмската индустрија и водеше уметничка галерија. Тој подоцна изјави дека успехот на „Емануела“ го засенил неговиот талент како фотограф и уметник.