Блокови од осумте предложени дизајни на ѕидот што Доналд Трамп планира да го гради долж американско-мексиканската граница ќе бидат тестирани во наредните неколку месеци.
Прототиповите, сите високи по 9,1 метар, беа поставени на локација во близина на сегашната ограда јужно од Сан Диего, Калифорнија.
Почнувајќи од наредниот месец, блоковите ќе бидат подложени на низа тестирања, при што ќе бидат удирани со чекан, копач и со разни други алатки. Исто така, испитувачите ќе се обидат да ископаат канал под и да се прекачат преку нив, за да се утврди какви се перформансите на секој од моделите.
Шест компании беа избрани на конкурсот што беше распишан во февруари годинава, само еден месец по инаугурацијата на Доналд Трамп, кој на овој начин сака да го исполни едно од своите главни предизборни ветувања. Од избраните прототипови, четири се целосно бетонски, а другата половина е направена од други материјали.
Предвидено е изградбата на ѕидот да чини 1,6 милијарди долари, но работата запна во Сенатот. Првичните најави дека ѕидот ќе го плати Мексико беа демантирани од тамошната влада.