ПОЛА ВЕК ПО СМРТТА, ШТИП СЕ СЕТИ НА СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ, РУСКИ ПЕДАГОГ КОЈ ЈА ПОСТАВИ ПРВАТА ОПЕРА ВО МАКЕДОНИЈА

    ПОЛА ВЕК ПО СМРТТА, ШТИП СЕ СЕТИ НА СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ, РУСКИ ПЕДАГОГ КОЈ ЈА ПОСТАВИ ПРВАТА ОПЕРА ВО МАКЕДОНИЈАСергеј Михајлов со една од првите генерации ученици кои го завршиле Музичкото училиште во Штип (Архивска фотографија)

    Деновиве се навршија 94 години од премиерата на првата опера во Македонија, „Палјачи“, која била изведена во 1925 во Штип. На сцената на тогашниот офицерски дом, операта на италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало ја поставил големиот руски музички педагог Сергеј Михајлов, кој живеел во Штип по завршувањето на Втората светска војна. По изведбата на оваа опера, која доживеала три репризи, Михајлов поставил уште неколку опери и оперети, како „Севилскиот бербер“, „Гејша“, „Фауст“ и „Мамзел Нитуш“.

    Колку за споредба, првата опера во Скопје, „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи, била изведена на 9 мај 1947.

    Долги години Сергеј Михајлов беше заборавен од штипските власти, иако беше директор на Музичкото училиште, на кое по неговата смрт со тестамент му ги подари сиот свој имот и богатата литературна и музичка архива. Во Историскиот архив во Штип и во Народната библиотека „Гоце Делчев“ денес се складирани над 120 негови музички ракописи, поделени во неколку категории. На Музичкото училиште му го оставил и својот клавир.

    Деновиве на влезот на Музичкото училиште во Штип, кое го носи неговото име, е поставена спомен фотографија од Сергеј Михајлов. (Фото: СДК.МК)

    Дури 30 години по неговата смрт, Музичкото училиште во Штип го доби неговото име, а на иницијатива на локалната телевизија „Стар“, деновиве на влезот беше поставена спомен фотографија од Сергеј Михајлов. Локалната власт го прифатила и предлогот да се отвори спомен соба на основоположникот на музичката култура во Штип.

    „Иницијативата е на место и ние како локална самоуправа, заедно со Советот на Општината, ќе ја разгледаме и ќе донесеме конечна одлука за предлогот да се отвори спомен соба на Сергеј Михајлов“, вели градоначалникот на Штип Благој Бочварски.

    „Иницијативата без многу размислувања ја прифативме и ние и предлагаме спомен собата да биде токму во зградата на Музичкото училиште, кое на Михајлов му било сѐ во животот“, вели сегашниот директор на училиштето, Горан Кавраков.

    Сергеј Михајлов е роден на 31 август 1885 во тогашниот руски град Харков, денес Украина. Таму учел трговско училиште, но истовремено го посетувал и музичкото школо. На Балканот дошол во 1921 година, прво во Солун, а потоа се населил во Гевгелија. Кога Штипската гимназија останала без музички педагог, Сергеј по директива се преселил во градот под Исарот, каде останал до крајот на својот живот во 1975 година.

    Ансамблот на операта „Палјачи“ од 1925. (Фотографијата е сопственост на штипското семејство Миланови)

    „Операта ‘Палјачи‘ беше изведена под мое диригентство и моја клавирска придружба. Режијата му ја препуштив на Душан Будимировиќ, кој студирал драматургија во Берлин. На сцената се најде и градскиот хор ‘Единство‘. Правевме аудиции и по неколку месеци се случи петмина штипски актери да станат оперски пејачи. Славко Нетков го играше Силвио, на Андреј Шчербаков, исто така руски емигрант, му ја доверивме улогата на Канио, Тонио беше Ристо Ѓурѓичков, Глигорие Ќурчиски го играше Арлекин, а младата штипјанка Благородна Бурева стана првата оперска певица во Македонија со улогата на Неда“, пишува во мемоарите на Сергеј Михајлов.

    Во нив уште стои дека претставата била однапред распродадена. Цените изнесувале тогашни 30 и 50 динари. „Палјачи“ била регистрирана како 200. претстава на тогашниот штипски театар и негова прва опера. Како увертира на „Палјачи“, една година пред тоа, Сергеј Михајлов пробно ја поставил оперетата „Ружанка“, која била комплетно негово авторско дело. Истовремено организирал голем број настапи на штипскиот хор во соседните градови Кочани, Свети Николе, Радовиш и други.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира