Место во јужна Германија кое привлекуваше илјадници туристи кои сакаа да направат самослик ќе биде затворено во наредните пет години со цел да ѝ се овозможи на природата да зацели.
Некогаш скриеното место над езерото Кенигсбах во националниот парк Берхтесгаден стана популарно откако луѓето почнаа да објавуваат фотографии како стојат во природен базен во горниот дел од водопадот. Според официјални лица од паркот, минатото лето во просек доаѓале 150 луѓе на ден, а во најтоплите периоди ги имало и по 350.
Освен што оставале многу ѓубре и правеле бучава, сите овие посетители создале и нови патеки во природата, оштетувајќи ги флората и фауната. Властите велат дека спонтано се создале три километри нови патеки. Се очекува вегетацијата да се обнови по затворањето, а теренот да се врати во нормала. Властите велат дека не е исклучено местото да остане затворено и повеќе од пет години.