Тужбата поднесена од потомците на шведската авторка на детски книги Астрид Линдгрен во врска со пласирањето на лимонадата „пипи“ го шокираше хрватскиот производител на овој пијалак. Линдгрен е авторка на серијата книги „Пипи Долгиот Чорап“.
„Ние во ‘Пипи’ бевме навистина изненадени од неодамнешните извештаи во шведските медиуми, бидејќи нашата компанија и Астрид Линдгрен АБ не се конкуренти во ниедна област на работењето“, изјави претставник на компанијата „Пипи“ за ДПА. Официјално, не се добиени никакви информации за ова прашање, па заклучоците можат да се извлечат само врз основа на медиумските извештаи, рече претставникот.
Авторката почина во 2002 година. Шведската компанија „Астрид Линдгрен АБ“, која е во сопственост на децата и внуците на авторката, поднесе тужба против производителот на безалкохолни пијалаци откако доби регистрација на трговска марка во Шведска.
Внукот на Линдгрен, Оле Ниман, го потврди ова за ДПА откако шведските медиуми објавија за тоа.
„Ако некој го користи името Пипи во комерцијален контекст без наша дозвола, а исто така го поврзува и со Пипи Долгиот Чорап од Астрид Линдгрен, ние сме должни да преземеме мерки. Ризикот од забуна е висок“, изјави Ниман.
Според веб-страницата на пијалокот, „пипи“ – напишан само со едно П во средината, наспроти две во името на ликот на Линдгрен – постои од 1971 година. Исто така, се наведува дека лимонадата го добила името по познатата Пипи Долгиот Чорап, измислена од Астрид Линдгрен. Со години амблемот на шишињата прикажувал русокоса девојка со плетенки и пеги што потсетуваат на Пипи Долгиот Чорап. Во поново време прикажува млада жена која пораснала.



