ПОТРАГАТА ПО НАЈДОБРИОТ ЗВУК Е МОЈАТА ОПСЕСИЈА, ВЕЛИ СВЕТОЗАР БОГДАНОВСКИ, САМОУК ИЗРАБОТУВАЧ НА ВИОЛИНИ ОД ВЕЛЕС

    ПОТРАГАТА ПО НАЈДОБРИОТ ЗВУК Е МОЈАТА ОПСЕСИЈА, ВЕЛИ СВЕТОЗАР БОГДАНОВСКИ, САМОУК ИЗРАБОТУВАЧ НА ВИОЛИНИ ОД ВЕЛЕСБогдановски почнал да изработува виолини за да им обезбеди квалитетен инструмент на своите деца

    „Потрагата по најдобриот тон, идеалниот звук нема крај. Тонот е течен, имагинација, тоа е како потрага по каменот на мудроста“, вели „македонскиот Страдивари“ Светозар Богдановски, самоук занаетчија од Велес, кој речиси четири децении изработува виолини со врвен квалитет.

    Квалитетот на инструментите на единствениот градител на виолини во Македонија е добро познат и високо котира во музичките кругови во светот. Богдановски, кој е сликар, почнал да прави виолини сакајќи да му помогне на својот син дополнително да го искаже својот талент.

    Поради својата нова професија, Богдановски се откажал од сликањето

    „Бев сликар цел живот. Никогаш не мислев дека ќе почнам да правам виолини зашто тоа е многу специфична професија, процес во кој не можете тукутака да влезете. Но, мојот син, тогаш на шест-седум години, покажа неверојатен талент за свирење виолина и голема амбиција да стане успешен виолинист. Бев свесен дека му треба висококвалитетен инструмент, но исто така знаев дека не можам да си го дозволам. Така решив ако не можам да му купам добра виолина, ќе ја направам. За многумина ова беше нелогично, но не размислував многу за тоа, ниту знаев во што се впуштам. Бев решен да успеам, иако професијата е многу сложена, деликатна и бара многу знаење, а литературата што ја имав за тоа беше доста лоша. Во тоа време немаше интернет и Јутјуб како денес за да добиеш многу информации. По неколку неуспешни обиди, успеав да создадам виолина на која свиреше мојот син Костадин. Тој дури постигна значителен успех на неколку натпревари со неа. Тогаш мојата професија доби поинаква димензија, правењето виолини доби ново значење за мене. По мојот син, и ќерка ми Фросина покажа интерес да свири виолина. Потребите на моите деца се трансформираа во потрага по поквалитетен звук на виолината. Таа потрага е мојот главен мотив во изработката на виолини денес“, вели Бодановски во неговото ателје во Велес.

    Богдановски сам одел во Босна за да пронајде квалитетно дрво за изработка на виолини

    Поради својата нова професија, Богдановски се откажал од сликањето и се нурнал во тајните на правењето виолини, што е бавен процес. Работејќи со сопругата Марија, која по професија е виолинистка и со сликарката Тања Мисева, успеал да го забрза процесот.

    „Звукот стана моја опсесија, она што некогаш беше бојата на платното. За ова барав високоакустично дрво, кое, за среќа, расте во регионот. Во планините на БиХ растат најдобрите дрвја за акустика, како смрека и јавор, од кои се изработуваат секакви инструменти. Одев во Босна и на самото место ги избирав дрвјата, од кои некои се стари и 400-500 години“, вели тој.

    При создавање виолини Богдановски се потпира на неговата уметничка интуиција,, а не технологија

    Неговите деца постигнаа големи успеси свирејќи низ светот само на инструменти направени од нивниот татко. Костадин е концерт-мајстор во оперската куќа Лисеу во Барселона, а Фросина е концерт-мајстор во симфонискиот оркестар во Клагенфурт, Австрија.

    „Покрај нив, на моите инструменти свиреа и многу други виолинисти од сите возрасти, како и во престижни оркестри ширум светот. Причината е квалитетот на звукот, а добриот збор надалеку се слуша. Многумина виолинисти доаѓаат да изберат или да нарачаат виолина во моето ателје. За да го докажам квалитетот, има натпревари каде што моите виолини им парираат на инструментите на најдобрите изработувачи на денешнината. На натпреварот на Виолинското друштво на САД моите виолини двапати добија престижна награда за звук“, рече Богдановски.

    На Богдановски во работата му помага сопругата Марија, која е виолинистка

    Тој вели дека при создавање виолина се потпира на неговата уметничка интуиција, за разлика од другите модерни занаетчии, кои се потпираат на електроакустични и технолошки достигнувања.

    „Во нивните лаборатории работат со најсовремени технички помагала, додека јас сè уште се потпирам на моите внатрешен инстинкт, интуиција и чувство за звук“.

    За Светозар Богдановски и неговиот син Костадин е снимен краток документарен филм насловен „Трагачи по звук“, во сценарио и режија на Сузана Диневски, кој беше прикажан на Канскиот фестивал во категоријата Катче за кратки филмови.

    Многумина виолинисти доаѓаат да изберат или да нарачаат виолина во неговото ателје

    „Каде е крајот на потрагата по најдобриот тон? Јас мислам дека нема крај, бидејќи тонот е флуиден. Огромно е задоволството кога ќе го почувствувајте она што сте го направиле, кога ќе го слушнете тонот. Пред некое време ми се јави најмладиот внук, кој има 10 години и ми побара да му направам нова и поголема виолина. Тоа е одлична причина да се продолжи“, вели Богдановски.

    Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира