ПРОМОВИРАНА АУДИОКНИГА „БЕЛИ МУГРИ“ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦА

    ПРОМОВИРАНА АУДИОКНИГА „БЕЛИ МУГРИ“ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦААудио стихозбирката „Бели мугри“ е достапна и на онлајн аудио библиотеката на Здружението на слепи лица од Македонија (Фото: СДК.МК)

    Аудиоиздание на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, намената за слепите лица не само од Македонија, туку и пошироко беше промовирана денес во медиaтеката на Градската библиотека во Велес. Промоцијата беше во чест на 25 ноември, денот кога во 1939 година во хрватскиот град Самобор излезе стихозбирката „Бели мугри“.

    Издавачи се локалната библиотека „Гоце Делчев“ , Здружението на слепи лица од Велес и библиотеката со Брајово писмо „Ратко Пајдаков“.

    „Аудиокнигата е наменета за слепите лица не само од Македонија туку и пошироко. Но, и за останатата популација, бидејќи светски тренд е повеќе да се слуша отколку што се чита“, изјави Тони Пајдаков секретар на Здружението на слепи лица од Велес.

    Аудиокнигата е подготвена целосно самоиницијативно, од тројца вљубеници во делото на Рацин. Поезијата ја читаат Тодор Крајчев и Игор Крајчев, а тон снимател е Тони Пајдаков. Книгата ќе биде достапна до сите членови на Здружението на слепи лица на Македонија, кои ќе ја посакаат и бесплатно ќе им биде доставена.

    Аудиостихозбирката „Бели мугри“ е достапна и на онлајн аудиобиблиотеката на Здружението на слепи лица од Македонија, каде има 300 наслови, а неделно е посетувана со пет илјади преслушувања.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира