Владимир Путин потпиша указ за создавање руска верзија на Евровизија, неколку години откако Русија беше исфрлена од популарното музичко натпреварување.
Настанот ќе се вика Интервизија и првото издание ќе се одржи во регионот на Москва во текот на оваа година, објави државната новинска агенција ТАСС. Натпреварувањето ќе го надгледува самиот Кремљ, а вицепремиерот Дмитри Чернишенко е назначен за претседател на организацискиот комитет.
Евровизија е позната по својата инклузивна и славеничка атмосфера, каде што ЛГБТ изведувачи и теми често доаѓаат до израз, што во Русија нема да биде можно поради тамошните закони. На Русија ѝ е забрането да учествува на Евровизија од 2022, кога изврши инвазија врз Украина.
Музичко натпреварување со име Интервизија се одржувало во Советски Сојуз од 1965 до 1968 и потоа од 1977 до 1980 година. Во декември, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека повеќе од 25 држави пројавиле интерес да учествуваат на вакво натпреварување..