Инаугурацијата на Џо Бајден не претставува само идеолошки пресврт за Америка, туку навестува и стилска промена во официјалните појавувања. Заминувањето на Доналд и Меланија Трамп од Белата куќа значи и крај на гламурозноста и наметливоста, кои од претседателското семејство направија бренд.
Бајден, кој зад себе има 36 години како сенатор и осум како потпретседател на САД, носеше морнарско сино одело на „Ралф Лорен“, класична, легендарна сеамериканска модна куќа. Не е познато дали е тоа негов омилен моден бренд, но тој носеше црна маица на „Ралф Лорен“ и кога ги примаше двете дози од вакцината против ковид-19.
Новата прва дама Џил Бајден беше модно усогласена во тиркизно сините капут и фустан, дело на „Маркаријан“, модна куќа на надежната њујоршка дизајнерка Александра О‘Нил. Според неа, Џил Бајден лично ја избрала бојата за да нагласи стабилност и самодоверба.
И Даг Емхоф, првиот втор господин во историјата на Белата куќа, носеше „Ралф Лорен“, додека за изгледот на новата потпретседателка Камала Харис се погрижија младите афроамерикански дизајнери Кристофер Џон Роџерс и Серхио Хадсон. Слично на Мишел Обама, и Харис на јавни настани промовира млади домашни дизајнери.