Центарот за пријавување НЛО (ЦЕНАП) кој се наоѓа во западна Германија, во 2025 забележа повеќе набљудувања пријавени од збунети граѓани од кога било досега, изјави вчера директорот на Центарот. Централната истражувачка мрежа за вонредни небесни појави е контакт-точка за граѓаните кои бараат научно објаснување за она што го забележале како НЛО, кратенка за „неидентификуван летечки објект“.
Според експертите од Центарот, повеќето од овие појави биле планети или ѕвезди, а не нешто поврзано со вонземски цивилизации.
Центарот, со седиште во Лицелбах јужно од Франкфурт, минатата година евидентирал 1.348 пријави за НЛО од Германија, Австрија и Швајцарија, како и неколку од други земји, според неговиот директор Хансјирген Келер.
Од 2019, бројот на пријави постојано расте секоја година. Но и минатата година, меѓу нив немало вонземски вселенски бродови, изјави Келер.
Според него, светлите планети како Венера, Јупитер и ѕвездата Сириус и понатаму збунуваат многу набљудувачи на небото. Покрај тоа, метеорите изненадиле многу ранобудници и случајни набљудувачи кога согорувале со впечатлив сјај.
Според Келер, повеќе од 120 набљудувања на сателитските комуникациски системи Старлинк на технолошкиот милијардер Илон Маск биле пријавени, вклучително и од пилоти кои биле изненадени за време на ноќни летови.
Пријавите што можат да се идентификуваат како летови на дронови се зголемуваат веќе пет години, изјави Келер. Освен мали приватни дронови, во употреба се и поголеми индустриски дронови, како и полициски дронови.



