Ретка копија од стрипот „Екшн комикс број 1“ од 1938 година, со кој Супермен му беше претставен на светот, е продадена на анонимен колекционер за рекордни 15 милиони долари.
Оваа приватна продажба го собори претходниот рекорд поставен во ноември, кога зачуван примерок од „Супермен број 1“ достигна цена од 9,12 милиони долари. Двете суми се енормно повисоки од оригиналната цена на стрипот, која во 1938 изнесувала само 10 центи.
Брокерската куќа „Метрополис колектиблс“ од Њујорк, која ја посредуваше зделката, соопшти неколку клучни детали за вредноста на овој примерок. Според соопштението, стрипот е оценет со 9 од можни 10 поени од страна на компанијата за автентикација (CGC), што го прави една од најдобро зачуваните копии досега. Се проценува дека денес постојат помалку од 100 копии од ова издание, кое се смета за основоположник на жанрот суперхерои. Вредноста на овој конкретен примерок е дополнително зголемена поради неговата поврзаност со холивудскиот актер Николас Кејџ.
Кејџ го купил стрипот во 1996 година за 150.000 долари. Во 2000 година, за време на забава во неговиот дом, стрипот бил украден и се водел како исчезнат цели 11 години. Пронајден е дури во 2011 година во магацин во Калифорнија, по што му бил вратен на актерот, кој неколку месеци подоцна го продал на аукција за 2,2 милиони долари.
„Во тие 11 години, неговата вредност вртоглаво порасна. Крадецот му заработи многу пари на Николас Кејџ со тоа што го украде“, вели Стивен Фишлер, извршен директор на брокерската куќа.
Тој ја спореди историјата на овој стрип со кражбата на „Мона Лиза“ од Лувр во 1911 година, која од едноставно големо дело на Да Винчи ја претвори сликата во светска икона.



