РЕПЛИКА НА СКУЛПТУРАТА МОАИ ПАТУВАШЕ 15.000 КИЛОМЕТРИ ОД ВЕЛИГДЕНСКИ ОСТРОВ ДО ВЕЛЕС ЗА ФОЛКЛОРНИОТ ФЕСТИВАЛ

    РЕПЛИКА НА СКУЛПТУРАТА МОАИ ПАТУВАШЕ 15.000 КИЛОМЕТРИ ОД ВЕЛИГДЕНСКИ ОСТРОВ ДО ВЕЛЕС ЗА ФОЛКЛОРНИОТ ФЕСТИВАЛРепликата од два и пол метри беше дел од сценографијата на настапот на составот „Акаханга“ (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 15.000 километри, од спротивната страна на светот, од среде Тихиот Oкеан, патувала статуа моаи до Велес за Меѓународниот фолклорен фестивал. Репликата е висока два и пол метри и изработена е од синтетика, а беше дел од сценографијата на настапот на составот „Акаханга“ од Велигденскиот Остров, кој му припаѓа на Чиле. Гостите ја освоија велешката публика со своите танци, придружени од удирачки инструменти и карактеристичниот инструмент за овој остров, укулеле.

    Транспортот беше авантура и тешка обврска. Сакавме на публиката во Велес да им покажеме статуа од Велигденски Остров и луѓето да нѐ запознаат. Моаите претставуваат камени скулптури на човечки фигури. До денес не е познато кој ги изработил, на кој начин и за што служеле. На островот ги има повеќе од илјада, а нивната старост се проценува меѓу 400 и 1.000 години. Сите статуи се изработени од вулканска земја. Тие помеѓу себе изгледаат слично, но се многу различни по големина. Просечната висина на една статуа е околу пет метри, но има многу такви кои достигаат и до 20 метри. Една таква фигура тежи околу 100 тони“, кажаа гостите од Чиле.

    Тие се на турнеја низ Европа и беа четири дена во Велес, па продолжија за Грција.

    Оригиналните моаи се дел од светското културно наследство. Рапа Нуи (во превод Големиот Нуи) или Велигденски Остров е оддалечен 3.700 километри од Чиле.

    Големи аплаузи доби ансамблот „Цитлакоатал“ од Мексико, кој настапи со две кореографии (Фото: СДК.МК)

    На 20. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал на традиционалните ора и танци учествуваа 600 играорци од 20 ансамбли од девет држави. Големи аплаузи и внимание доби и ансамблот „Цитлакоатал“ од Мексико. Тој настапи со две кореографии: со традиционалните звуци на маријачите и со танцот на народот Ацтека, староседелците во Мексико.

    За првпат на фестивалот имаше ансамбли од Чешка и од Германија, кои на велешката публика ѝ ја доближија културата од овие две земји. Настапија и гости од Анкара (Турција), Горњи Милановац (Србија) и Каунас (Литванија), како и друштвото на Македонците „Јане Сандански“ од Мелбурн и десетина друштва на играорци од Македонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира